Прогласени победниците на креативниот маратон Rethink

Овој викенд се одржа второто издание на креативниот маратон Rethink кој го организира Солвео, првата агенција за иновации во Македонија, со цел да им даде можност на младите креативци да се поврзат со компаниите и заедно да изнајдат иновативни решенија за реални бизнис проблеми. Педесет млади креативни умови размислуваа иновативно и заедно креираа дигитални кориснички решенија за три македонски компании.

На тридневниот натпревар имаше 3 предизвици и 3 победнички решенија, по едно за секоја од компаниите на настанот.

Победничкиот тим „LEA” на предизвикот на Охридска Банка Societe Generale, преку анализа на голема база на податоци успеаа да креират функционален систем за анализа на кориснички податоци, со кој ќе може да се предвидат уникатните потреби на корисниците на банката. Исто така, врз база на тој систем, тие развија и chatbot, кој ќе го подобри дигиталното корисничко искуство на web страна и мобилната апликација на банката. За нивното генијално решение беа наградени со 500 еур како победници на тој предизвик.

Тимот кој го креираше победничкото решение за модната групација Магнетик, познати како „M1” го креираа нивното решение врз база на истражување кое вклучуваше креирање на мобилна апликација и редизајнирање на програмата за лојални потрошувачи. Со цел да соберат повеќе податоци за корисниците на апликацијата, нивното концепт решение вклучување на програма со поени кои корисниците ги добиваат преку интеракции во брендот он-лајн и оф-лајн, односно во физичките продавници. Нивното решение исто така беше наградено со 500 еур.

На предизвикот на кондиторскиот бренд Дона, тимот „Бакини Деца” креираа дигитален маркетинг план за подобрување на дигиталните интеракции со брендот Бакин Ајвар. Нивната цел беше да побудат носталгија кон детството кај потрошувачите преку користење на препознатлив бренд амбасадор и интегрирање на дигитална кампања каде потрошувачите ќе споделуваат рецепти и ќе добиваат награди. И на нив им беше доделена награда во износ од 500 евра.