Прогласени победниците на државниот натпревар за сообраќај

Основното училиште „Војдан Чернодрински” во Скопје денеска беше домаќин на два државни натпревари – „Детски семафор” за учениците од основните училишта и „Сообраќајно техничка култура на младите” за учениците од средните училишта. Натпреварите се состојат од теоретски дел за правилата и прописите во сообраќајот, како и практичен дел за вешто возење велосипед за основците, односно мопед за учениците од средните училишта.

На натпреварите учествуваа победниците од десетте регионални натпревари кои се одржаа низ државата изминатиов период. Во рамките на натпреварот „Детски семафор” се натпреваруваа 16 екипи со вкупно 96 учесници, а во натпреварот „Сообраќајно техничка култура на младите” 9 екипи со 27 учесници.

Според покажаните резултати во теоретскиот и практичниот дел победнички екипи во „Детски Семафор” се екипите од Карпош, Велес и Македонска Каменица. Најдобри кај средношколците пак беа екипите од Пробиштип, Аеродром и Куманово.

„Детски семафор” и „Сообраќајно техничка култура на младите” се сообраќајно воспитни манифестации со натпреварувачки карактер преку кои традиционално учениците од основните училишта ги совладуваат основните правилата и прописите во сообраќајот и ја унапредуваат способноста за вешто управување велосипед и мопед. Органиозатор на натпреварите е Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.