Прогласени најдобрите бизнис планови за 2013-та

Може да имате милион идеи, но сите се безвредни доколку не преземете нешто да ги реализирате. Можеби сакате да основате свој бизнис, да креирате нешто ново, и секогаш си велите дека не е вистинското време. Вистински момент не постои, треба сами да го создадете.

Фото: МИА

Ова им го порача министерот за економија Ваљон Сарачини на младите претприемачи на денешното прогласување на најдобрите бизнис планови во рамки на проектот – Натпревар за започнување на бизнис „Биди перспективен, започни свој бизнис”.

На проектот чија цел е поттикнување на претприемничкиот дух меѓу младите, преку подготовка на студентите и младите претприемачи за отворање сопствен бизнис, првата награда и чек од 330.000 денари доби Дане Тодоровски за бизнис планот „МЕО – Мрежа за електронски отпад“. Второнаградена е Аделина Селими за бизнис планот„ Warlander“, за кој доби чек од 230.000 денари. Третата награда и чек од 140.000 денари му припадна на Блерант Рамадани за бизнис планот „In Safe Eco Energy“.

Групата автори на книгата „Патот кон сопствен бизнис“ му додели награда и на четвртопласираниот бизнис план. Тие одлучија средствата од наградата „Гоце Делчев“ во висина од 100.000 денари да ги доделат на Даниел Димов, авторот на четвртопласираниот бизнис план „MOBIDOONIA“. На сите наградени им беше доделен и ваучер за регистрација на фирма во Централниот регистар.

Сарачини истакна дека според анкетите, околу 90 отсто од студентите од завршните години сакаат да се вработат во јавната администрација, а само 10 отсто да почнат свој бизнис. Досега за овој проект аплицирале 106 студенти со свои бизнис идеи. Комисијата за евалуација одбрала 30 бизнис идеи, за кои е извршена обука во 13 модули, како бизнис идејата да се претвори во бизнис план.