Британски професионален фудбалски клуб, кој се напојува со обновлива енергија и им служи веганска храна на своите играчи, вработени и навивачи, доби престижно признание од Обединетите нации.
„Форест Грин Роверс“, кој игра во Втора лига, стана првиот фудбалски клуб во светот кој е јаглерод-неутрален.
Со седиште во градот Гелчестер, Нојсворт, клубот се вклучи во иницијативата на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени наречена „Климатски неутрални сега“ за сезоната 2018-19.
Зелените акредитиви на овој клуб привлекуваат внимание околу светот во последните неколку години. Оттаму тврдат дека се првиот вегански фудбалски клуб во светот по добивањето на веганскиот заштитен знак од Веганскиот сојуз.
Од клубот велат дека станале вегани поради „огромното влијание на сточарското производство врз благосостојбата на животните и животната средина”, но и за да ги подобрат перформансите на играчите и да им дадат на навивачите поздрава, вкусна храна во натпреварувачките денови.
Клубот користи 100 отсто зелена енергија од „Ecotricity“ – компанијата основана од претседателот на клубот, Дејл Винс – која се генерира преку сончевите панели на покривот на стадионот.
Тимот игра на органски терен, кој е пресечен со косилка напојувана со соларна енергија, и сите дождовни води што паѓаат на трибините или на теренот се рециклираат за да се минимизира употребата на вода.
Покрај ова, клубот има објекти за полнење електрични автомобили на стадионот, за да ги поттикне навивачите да патуваат за натпреварите одржливо.
Лани Клубот беше промовиран во Фудбалската Лига за првпат во неговата 129-годишна историја и ќе ја започне својата втора сезона во Втора лига – четврто ниво на професионален фудбал во Англија – следниот месец.