Профитерски бал под маски

„Заштитете ги најмалите со анти-вирусни маски, 4 комада маски за 290 денари за возраст од 4 год до 8 години, се прилагодуваат. Потекло од Македонија, памучни се перат и чистат во машина за алишта, овие маски имат специален матријал создаден од нуклеарна пора и имаат функција да ги заштитат вашите респираторни канали од бактерии, вируси, полен и прашина“, гласи огласот кој преку „Фејсбук“ им нуди на граѓаните поволни маски кои сега се задолжителни.

„Маските се перат и се за повише употреби. За само 399 ден добивате 5 комада високо квалитетни маски кои се направени од специјален материал анти-вирусни за тотална заштитa на вашиот организам. +130 ден достава секаде низ Македонија“, вели реклама на „Фејсбук“.

 

Ова се само два примери од продажните огласи кои полни со печатни грешки, делуваат како да им нудат на граѓаните заштита, но и дезинформации.

Според Ивица Апостолов, претседателот на Здружение на медицински лаборанти при Клиничкиот центар, кој работи во Универзитетскиот институт за клиничка биохемија, граѓаните треба да купуваат маски само со декларација за квалитет.

„N95, хируршката маска и ФФП1 се строго професионални маски кои ги користат здравствените работници и луѓето изложени на биохазард. N95 е американски стандард, додека пак КN95 е кинескa маска, но и двете мораат да поминат низ европски директиви. Сѐ она што се продава кај нас мора да има декларација за квалитет. Доколку нема декларација за производот, тогаш луѓето воопшто нека не го купуваат, зашто на самата декларација пишува за што се употребува и колкава е заштитната дејност на самата маска“, вели тој.

Според Апостолов, овие типови професионални маски се за една употреба, факт за кој нема компромис.

„Во недостиг знаеме овие маски да ги користиме и по два или три пати, но со правилно користење, дезинфекција. Инаку тоа не е стандард, стандард е единечната употреба. Меѓу маскитe кои ги критикувам спаѓаат шалови, маски од ткаенина, од сунѓери – тие не се за заштита од вирус, бидејќи самата големина на вирусот е помала од ПМ2 честичките, што значи дека таква маска нема да може да нѐ заштити.  Но ако некој човек носи хируршка маска, тогаш тој не ја носи за да се заштити од надворешни влијанија, туку го штити својот соговорник од неговото исплукување. Што се однесува до маските што се продаваат на интернет, што ги гледам на Фејсбук, 90 отсто од нив се за еднократна употреба. Народов тоа ќе го купи, ќе го носи, ќе го стави во џеб, па пак ќе го стави на себе… Ваквото носење можеби нема да доведе до корона, но може да доведе до секундарни инфекции“, објаснува тој.

Од државниот инспекторат велат дека е тешко да се контролира онлајн продажбата на маски и  дека граѓаните купуваат на свој ризик.

„Државниот пазарен инспекторат може да прави контрола на онлајн продажбата зад која стои правно лице со свое седиште, за да можеме да дејствуваме и да го контролираме квалитетот и цената на маските. За жал продажбата преку Фејсбук не можеме да ја контролираме ниту да реагираме, бидејќи таму можат да се јават и физички лица кои нудат одредени производи, во случајов маски. Сите оние кои што купуваат преку Фејсбук купуваат на сопствен ризик“, истакна директорот на пазарниот инспекторат Стојко Пауновски, на прес-конференција, одговарајќи на прашање на Радио МОФ.

Тој дополни дека постојат и неколку пријави во врска со зголемување на цените на маските.

„Извршени се 64 контроли на аптеки во врска со зголемување на цени, меѓутоа при вршење на контрола имаме само два пати постапено со мерки. Во останатите аптеки кога сме вршеле контроли за цени на маските, таму се соочуваме со различни производи и секој нов производ доаѓа со нова цена и тука не сме моќни да постапиме“, истакна Пауновски.

Светската здравствена организација не препорачува здравите граѓани да носат маски. Од СЗО велат дека маските треба да ги носат оние кои се заразени или оние кои се во близок контакт со нив.

Носењето маска може да обезбеди погрешно чувство за безбедност, велат експертите, што доведува до тоа некои да станат помалку претпазливи во поважните мерки за хигиена, како што е миењето на рацете. Дополнително, отстранувањето на маска за да не го покрива повеќе носот или допирањето на надворешната страна на маската може да ја направи помалку ефикасна.

Клучно е да запаметиме, велат службените лица на СЗО, дека коронавирусот се шири преку капки, а не преку воздушен пренос. Не се препорачува здравите поединци да носат маски во јавноста бидејќи од тоа нема посебна корист. Според ставот на СЗО, луѓето кои се грижат за болните треба да носат маски за да се заштитат себеси и да спречат понатамошно пренесување низ семејната единица. Сепак, од СЗО не ги критикуваат земјите што советуваат носење маски.

Во Македонија започна да важи уредбата на Владата за носење на лична заштитна опрема која може да биде респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, памучна шамија, шал или бандана.

Од Владата посочија дека задолжително е носењето на заштитна опрема за покривање на носот и устата во сите јавни затворени простори, како што се средства за јавен превоз, маркети, банки, пошти, амбуланти, болници, институции, како и на отворени простори каде што нема можност за одржување на дистанца од два метри помеѓу граѓаните, како што се пазари, отворени трговски центри, тесни улици и автобуски постојки.

Носењето на заштитна опрема за покривање на носот и устата не е задолжително при спортување, возење велосипед или прошетка на отворен простор со одржување дистанца поголема од два метри.

Кога станува збор за новите мерки препишани од Владата според кој задолжително е носењето на заштитни маски, шалови и бандани, Апостолов вели дека мерките се добри, но истовремено и дискутабилни.

„Концепциски, она што го имаат замислено е одлично. Заштита од трансмисија на вирусов од капки, односно плунка. Луѓето гледаат да профитираат на секој начин, маските како N95, КN95, до пред една недела беа 160 денари пaрче. Лично набавував за мои потреби. Сега забележувам дека ги нема, а цените се кренати до 300 денари парче. Не гледам потреба обичен човек да носи професионална маска како N95 до ФФП2 или ФФП3. Тие се наменети за услови каде што има висoк ризик од биохазард. Кај обичниот граѓанин за одење во маркет, ако сака да се штити, да го штити другиот до него е доволно да носи хируршка маска“, вели тој.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, изјави дека аптеките се доволно снабдени, додавајќи дека има и државно производство на маски: „Маските се движат од 5 денари до 95 денари во зависност од материјалот од кои се произведени и какви се маските“.

Според Апостолов, кога луѓето даваат пари треба да знаат за што ги даваат парите, дополнувајќи дека корона вирусот е помал од PM2 честичка, што значи дека тој може да се протне низ неквалитетни заштити.

Идејата зад „Направи сам“

Откако светот неподготвено ја дочека пандемијата од коронавирусот, медицинските работници се во првиот фронт, а резервите на заштитната опрема сè побрзо и побрзо се трошат.

Фејсбук групата „3D принт Медицинска Опрема“ е платформа на која се собраа македонски ентузијасти кои самостојно печатат визир маски и медицинска опрема, а потоа ја донираат на здравствените институции во државава.

Во иницијативата се вклучија доктори, дизајнери, приватни сопственици на 3D принтери, компании кои се занимаваат со ваква дејност, како и лица кои се пријавиле за волонтери, за маските побрзо да се дистрибуираат до клиниките.

Меѓутоа, само неколку денови по отварањето на онлајн платформата за 3D принтање, на „Фејсбук“ се појави профил кој употребувајќи ги фотографиите од групата, продаваше визири по цена од 100 денари.

„Апсолутно се оградуваме од каква било продажба и не знаеме кои стои зад профилот“, стоеше во постот на Ненад Лазаров, кој апелираше да се спречат ваквите појави.

Еден од членовите на платформата за 3D принт е и Марко Стојковски од Куманово. Тој го раскажа неговото искуство и делување во групата за 3D печатење.

„Сѐ ова почна пред околу еден месец, кога на иницијатива на неколку доктори од ‘8 Септември’ почна да се планира 3D печатење на медицинска опрема, првенствено визири. До мене идејата стигна истиот ден преку другарот Данчо Поповски, инаку вработен во болницата. Верувам дека на усмен начин идејата е раширена низ целата држава и веќе за 24 часа почна сериозно да се работи во поголемите градови, а за помалку од 48 часа беа доставени и првите готови визири“, вели тој.

Според Стојковски, 3D принтањето е продолжена рака на идејата „направи сам“, која е иднината на нестандаризираното производство. Тој истакна дека веќе четири години гледал на 3D печатењето како на хоби, но бил свесен за потенцијалот на оваа „играчка“.

„Во вакво време се раѓаат нови идеи, па така и оваа, која според мене е перфектна за да се покаже потенцијалот на 3D печатењето. Во ситуација во која и времето е сериозен фактор, кога на здравствените институции им е добредојдена секаква помош, брзината на реагирање е многу битна и тука доаѓа до израз предноста на 3D печатењето. Тоа не може ни приближно да ги достигне капацитетите на масовно производство, но се покажува како еден од најефективните методи за навремена заштита на медицинските лица“, вели Стојковски.

Тој вели дека кумановската екипа која се состои од 15 луѓе,  вклучувајќи ги и оние што помагаат со дистрибуција, транспорт, логистика и други пропратни работи, досега успеала да испринта околу 1.300 визири, од кои над 1.200 биле поделени низ здравствените установи во Куманово, Кратово, Крива Паланка, Свети Николе и Македонска Каменица.

„Можам да кажам дека речиси сите здравствени работници од овие градови кои се во контакт со заболени лица се веќе покриени, а ќе почнеме со донирање на визири во стоматолошките ординации во Куманово и со тоа се завршува фазата на 3D печатење на визири. Покрај печатењето на визири, се разработуваат планови за друга медицинска опрема, како маски со филтри, хауби за интубација и сл. Целата оваа иницијатива функционира на принцип на донирање“, истакна Стојковски.

Во групата за 3D принт и се појавија и други ентузијастки кои решија да помогнат, но овојпат со шиење на текстилни маски. Во својата објава, Бојана Данева соопшти дека заедно со уште две другарки ја изработиле страната pomagame.site, на која може да се најдат упатства за шиење маски, но истовремено и мапа на која што може да се обележат институции и поединци кои шијат маски.

„Мапата може да служи како централно место и сликовито да претстави кој нуди маски, кој нуди материјал, на кој му требаат маски и кој сака да помогне“, пишува Данева во својата објава.

Истовремено, граѓаните може и да дејствуваат приклучувајќи се на „Фејсбук“ групата „Маски за сите“.

Додека во Европа, се поттикнува купување на домашни квалитетни производи, македонските модни куќи не се водат по примерите на светските дизајнерски куќи кои ги користат своите ресурси за да изработат маски, туку се обидуваат да профитираат.

Дизајнерката Елена Лука при крајот на февруари оваа година на пазарот му ја понуди, според брендот, модната маска „Елена Лука“. По цена од 600 денари, маската беше достапна на веб-страната на брендот, но производот за кратко време беше отстранет откако јавноста ја искритикува оваа постапка.

„ЕЛЕНА ЛУКА со свои МОДНИ маски а не МЕДИЦИНСКИ! Се извинуваме на сите што им нанесовме какво било вознемирување како бренд со оваа кампања! Секогаш сме работеле проекти што ја подигале јавната општествена слика конструктивно воедно. Така ќе остане и во иднина. Благодариме што нѐ следите“, беше единствената реакција напишана на социјалните мрежи на брендот, откако македонскиот пазар одлучи дека заштитните маски се поефикасни од модните.

 

Ивана Смилевска