Професорски пленум: Оставката на Давитковски е гест на професионален интегритет

Оставката на професорот Борче Давитковски по повод „приватната инспекција“ на која бил подложен Правниот факултет-УКИМ е гест на професионален интегритет, велат од Професорскиот пленум и го поздравуваат ваквиот чекор.

„Би сакале да нагласиме дека основниот проблем со кој се соочува академската заедница во Македонија е системската изместеност која произлегува од фактот дека Законот за високо образование според својата содржина и структура, всушност, се сведува на правилник. Во него се пропишуваат критериуми за избори во звања што би требало да биде право и обврска на високообразовните институции. Впрочем, токму можноста сопствените критериуми да ги пропише во облик на правилници е единствената гаранција дека универзитетската автономија навистина постои. И обратно, фактот дека Министерството ги пропишува во облик на закон е материјален факт на поништување на автономијата.

Оттаму е можно чиновници на министерства и инспекторати да се појавуваат во улога на највисоки арбитри за тоа дали една рецензија е легална и легитимна или не. Имено, чиновничкиот апарат од Министерството ги има определено и впишано во Закон критериумите на вреднување, а потоа тој акт Законодавецот го усвоил. Не само што е пропуст тоа што администрацијата на Владата за ова не ја консултирала академската заедница, пропуст е што вакво нешто е воопшто можно – нестручни лица да ги определуваат суштинските критериуми на една струка.

Со ваков Закон, всушност, се укинува потребата од стручност, вреднување, па дури и човечки ресурси. Обично пополнување хипотетички прашалник на некаква хипотетичка интернет страница би можело да поништи и обесмисли академска рецензија или одлука која е резултат на стручно расудување и вреднување.
Со вака конципиран закон се воспоставува апсолутна концентрација на моќ во Владата и чиновничкиот апарат а релевантноста на професионалниот суд е поништена.

За крај, сакаме да укажеме на уште една проблематична карактеристика на постоечкиот хибрид „Закон-Правилник“: во критериумите за вреднување на академскиот труд, „Законот-Правилник“ си дозволил да протежира определени правни лица кои се занимаваат со профитна дејност, како т.н. Web of Science/Thomson Reuters базата и, со тоа, се поставува прашањето за евентуалната противзаконитост на Законот за високото образование во РМ во однос на други закони на оваа држава“, се вели во соопштението на Професорски пленум.