Професорски пленум: Да запре изборот на ректор сè додека не се одржат законски студентски избори

Професорскиот пленум најостро го осудува обидот на нелегалното раководство на СПУКМ да организира избор за претседател во експресен рок, и во време кога најголем број студенти се отсутни и не се во можност ниту да се кандидираат, ниту да гласаат. Професорите сметаат дека претставниците на студентската организација се обидуваат да ја фалсификуваат студентската волја.

„Со ова се прекршуваат одредбите од Правилникот за избори на СПУКМ и им се одзема правото на студентите на УКИМ да бираат и да бидат бирани, што претставува класичен акт на насилство на една мала група којашто го држи во заложништво целокупното студентското организирање.

Професорскиот пленум ги потсетува Ректорот на УКИМ, Ректорската управа и сенаторите на УКИМ дека фалсификувањето на изборот на студентски претставници во органите и телата на УКИМ не е само проблем на студентите, како што тврди ректорот Стојковски, туку дека директно влијае на целокупното работење на универзитетот како и на законитоста на претстојниот избор за ректор“, стои во реакцијата на професорите.

Од Професорскиот пленум велат дека ги поддржуваат напорите на студентите да се спротивстават на уште еден обид за злоупотреба на студентското организирање, и ги повикуваат сите членови на академската заедница, коишто одлучуваат во органите и телата на УКИМ, да побараат стопирање на постапката за избор на ректор, сè додека не се одржат законски, фер и транспарентни избори за претседател на Студентскиот парламент.

Тие, исто така, очекуваат од кандидатите за ректор на УКИМ да го одржат јавно дадениот збор дека ќе се откажат од учество во незаконска и нелегитимна постапка за избор на ректор и бара да преземат конкретни чекори во насока на заштита на законитоста на постапката.