Професорски пленум бара да не се дискредитира студентското движење

Професорскиот пленум изразува длабока загриженост за приведените студенти од Студентскиот пленум, кои учествуваа во последните протести пред Владата на Р. Македонија.

„Имајќи ги предвид укажувањата на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Р. Македонија за зголемената употреба на сила при приведувањето на дел од учесниците на протестите, бараме надлежните да постапуваат во духот на почитувањето на човековите права и согласно законот. Бараме овие инциденти да не се злоупотребат за дискредитација на студентското движење“, се вели во соопштението.

Професорски пленум го поддржува правото на студентите од Студентскиот пленум организирано, мирно и ненасилно да организираат, учествуваат и да поддржат јавни собири со цел слободно и јавно да ги изразат своите мислења и барања во поглед на општествените прашања кои ги засегаат.

Професорите ги потсетија надлежните органи на Македонија, дека се должни на граѓаните и граѓанките да им овозможат непречено да го остварат нивното уставно загарантирано право, мирно да го изразат својот револт или незадоволство од одредени состојби во државата.