Професорот Душко до своите ученици: Почестен сум што сум дел од Вашиот Пленум

„Вие го положивте испитот на животната зрелост, ја извојувавте најважната битка. Покажавте дека човековото достоинство не е на продажба“, им порача на своите ученици-пленумци професорот Душко Стојановски. Отвореното писмо на еден од најпочитуваните професори во скопската гимназија „Орце Николов“ го пренесуваме во целост:

„Ех драги мои, најдраги мои ПЛЕНУМЦИ, колку силно влијае на мене погледот на оваа фотографија, какви чувства поттикнува во мене. Ве гледам вака одважни, смели, а пред мене, како од свеж и чист планински извор се пластат сеќавања и разиграно потскокнуваат мисли. Се редат слики, како од филм, како од сон. Повеќето не Ве ни познавав. На некои само им предавав, но и нив не би можел (да речам) дека ги познавав. Се обидував да допрам до нив, но се среќававме само еднаш неделно и , “заробени” од своите преокупации и обврски живеевме во некаков паралелен свет. Немавме вистинска комуникација, она што му недостасува на нашето образование, а што всушност само се нарекува образование.

Е, токму тука почнува филмот и сонот се претвора во јаве. Вашата искреност, чистота и енергија силно ме привлекоа и нераскинливо не споија. Продорноста на Вашиот глас ги разби здрвените рамки на погазеното достоинство и Вие, заедно со СТУДЕНТСКИОТ ПЛЕНУМ зачекоривте кон човечкото достоинство. Се исправивте пред неправдата и покажавте што значи зборот ЧОВЕК. Покажавте дека човек е синоним за вистинољубивост, самосвесност, пожртвуваност, сочувство, почит, грижа за другите. Тоа го гледам ПЛЕНУМЦИ кога ја гледам оваа фотографија. Се ројат илјадници фрагменти и ми го склопуваат сеќавањето. А во него Вие. Смело им се спротивставувате на неразумните насилници што лажно се претставуваат како МОН.

Ве гледам на вашите пленуми како студиозно им приоѓате на проблемите, како изнаоѓате решенија, како трпеливо и демократски ги слушати сите дискутанти. Го гледам Стефан како настојчиво и сеопфатно ја брани хоризонталната поставеност на Пленумот. Ги гледам Војдан и Џиџи како со насмевка веднаш се зафаќаат околу спроведувањето на договореното. Ги гледам Куно и Јулијан со нивните конструктивни, креативни предлози. Ја гледам цврстината на ставовите на Огнен и Михаил. Не ја заборавам одмереноста на Јован, ниту веселиот шегобиен пристап на Марко. Се’ повеќе и повеќе Ве запознавам, го воспоставуваме вистинскиот меѓусебен однос, однос на уважување и почитување. Гледам како запаѓате во криза. Се плашам дека се кршите, дека ќе пукнете пред силните притисоци што сакаат да ве загушат. Гледам како обновата доаѓа од таму од каде што најмалку би се очекувала. Испливуваат новите јунаци.

Ете ја Ангела, ситна, слабичка, ама со нескршлив дух, жилава и истрајна. Ете ги Сара, Дона и Тијана обично молчеливи, но проговоруваат во најпотребниот момент и одново ја поттикнуваат непресушната енергија на младоста, енергијата на ДЕЦАТА НА УТРЕШНИНАТА. Ете ги Кики, Наде, Ирина, Сандра и Катја и младоста продолжува да чекори исправено. Цврстината на чекорите ја засилуваат Стич и другиот Стефан, ама и двете Наталии. Ечат чекорите по булеварите “Илинденска” и “Св. Климент Охридски”. Во фасадите на околните згради се впива ехото на Вашите продорни гласови. “ДОСТА БЕШЕ МОЛК”, “НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР”!! Одекнува вашата слободна мисла, татнат улиците додека марширате низ Скопје. Ве гледам соединети во Паркот на новинарите што Вие го претворивте во камп на громогласно изразување на човечкото достоинство. Таму практично покажавте што значи “ЗАЕДНО СМЕ ПОСИЛНИ” ! Ги поздравувам и Вашите соборци: Буци , Торка, Љупчо, Дејан, Александра, Борјан. Имавте на кого да се потпирате. Вашите пленуми беа огнот на коишто се прекаливте, брусилката што од минерали Ве претвори во скапоцени камења. На Вашите пленуми научив многу за што сум Ви многу благодарен. Уште повеќе затоа што ме прифативте како свој. Среќен сум и почестен сум што сум дел од Вашиот Пленум.

Вие го положивте испитот на животната зрелост, ја извојувавте најважната битка. Покажавте дека човековото достоинство не е на продажба. Не е крпа од која некој ќе си ги брише нозете. Покажавте што значи да си ЧОВЕК. Оваа фотографија секогаш нека Ве потсетува на Вашата најголема животна победа, а јас секогаш ќе се сеќавам на Вас кога во рана пролет лицето ќе ми го гали благиот ветер на промените, а Вие Keep on blowing with the Wind of Change!!

Ве сака вашиот професор Душко.“