Професори и студенти бараат учество на комисиската седница, ЕНЕР достапен за коментари до петок

Преку писмо кое вчера било испратено до Собрание, дел од академската заедница бара нивни претставници како и членови на Студентскиот пленум да учествуваат на седницата на Комисијата за образование, наука и спорт, закажана во петок на 26 декември. На седницата ќе биде одржано првото читање на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за високо образование со кој треба да се воведе државниот испит за студентите.

Во писмото потпишано од професорката Билјана Ванковска, во име на повеќе професори, се бара едногласно да им биде дозволено присуство на расправата на Комисијата, како на професорите, така и на претставници на Студентскиот пленум за да бидат слушнати нивните аргументи како најзасегнати страни од владините измени, но и најактивни во изминатиот период.

Во меѓувреме останува отворен единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР (www.ener.gov.mk)каде може да се поднесуваат коментари и амандмани за предложените измени во Законот за високо образование. Процесот на консултации за овој закон исто така завршува во петок, 26 декември.

Законските измени пак на дневен ред во Собрание влегуваат веќе во понеделник, на 29 декември. Со измените се воведува државен испит за студентите во втора и четврта година, како и за оние кои се на магистерски студии. Помеѓу останатото се наведува и дека нострификацијата на странската диплома не може да почне без кандидатот да полага државен испит, а се пропишуваат и низа казни како од 1 до 3 години затвор за ректорот, деканот што ќе издадат диплома на студент кој не полагал државен испит.