Професори и истражувачи: Неинформираноста создава стигма за канабисот

Недостигот од информации за јавноста и традиционалното образование на лекарите, кои се уште учат дека канабисот е дрога и создава зависност, игнорирајќи го неговото лековито дејство, е причина поради која оваа билка со години е стигматизирана, сметаат научници кои учествуваат на третиот семинар за демистификација на канабисот во организација на Зелена алтернатива.

Професори, научници и активисти од повеќе држави велат дека се уште трае борбата за докажување на употребата на канабисот во медината, иако со години постоеле примери кои ја покажувале неговата лековита особина.

Лумир Ондреј Хануш, професор и научник од Чешка, кој веќе 30 години ги истражува екстрактите од канабис во Израел, вели дека во 70-тите на своите пациенти им препишувал екстракти од канабис и забележал позитивни искуства.

„Се разбира дека јас сум против целосната легализација, но сум за употребата на канабисот како лекарство. Треба да знаеме дека кај возрасна, ментално здрава личност не постои опасност од употребата на канабисот како медицинско средство“, вели Хануш.

Една опасност којашто постои при неговата употреба е предозирањето и тоа е закана, вели научникот, но нагласува никогаш не била фатална и не постои таков случај во светот.

„Проблемот се состои од тоа што многу луѓе  мислат дека ако земат повеќе од канабисот, побрзо ќе се излечат, и тоа доведува до еден вид на предозирање со лекарството коешто има негативни ефекти. Она што ние се трудиме да направиме е да ги натераме пациентите да започнуваат со многу мали дози, а понатаму да ги зголемуваат, за да развијат нормална толеранција на лекарството. Се разбира, пациентот не сака да ги чувствува психотропните дејства на супстанцата, туку сака да се лечи“, нагласува тој.

Друга опасност која постои, вели Хануш, е што развојот на сивата материја во мозокот трае до 21-25 година од животот. Иако во многу мал процент, кај децата се заблежани проблеми како психози при употребата на канабисот. Затоа родителите најчесто се советуваат пред неговата употреба.

„Ние сакаме да лечиме, а не да повредуваме. Мора да воспоставиме соработка, и во следните десет години мислиме дека ќе успееме да постигнеме голем напредок на ова поле ако соработуваат хемичарите, лекарите и семејствата на пациентите, што ќе ни овозможи да дознаеме која нишка од канабисот за кое заболување има најдобар ефект“, смета научникот.

На ова се надоврза и неговиот колега Илија Резник, кој со години работи на истражувања поврзани со невропатските болести и екстрактите од канабис.

Со генерации докторите имаа погрешно образование. Тие го сметаа канабисот како дрога. Јас сфатив дека тоа не создава зависност, туку им дава можност на моите пациенти да се лекуваат самостојно. Многу мои колеги исто така дозволуваат лекување со канабис”, вели Резник. 

Давор Ангеловски од Здружението Зелена алтернатива вели дека семинарот ќе се потруди да ги доближи најновите информации поврзани со оваа билка до граѓаните и експертската јавноста.

“Сакаме да им објасниме на луѓето дека тоа не е само дрога како што беше нарекувано досега, туку е едно лековито растение од кое има многу позла, особено во медицината. За да им го доближиме тоа на луѓето, донесовме научници кои се веќе долги години во истражувањето на канабисот, луѓе кои учествуваат  во клинички студии за истражување на лековитите својства на канабисот и доктори кои секој ден во својата работа го препишуваат. Мислиме дека со нивното предавање ќе успееме да им го доближиме тоа знаење повеќе на луѓето, и да почнат да ги гледаат работите малку поинаку отколку пред три години”, вели Ангеловски.

Тој смета дека ќе бидат потребни подолги и исцрпни обуки за македонските лекари кои во иднина ќе работат со препарати на база на канабис. Ангеловски нагласи дека како здружение го поздравуваат донесувањето на Законот, но сметаат дека е нешто на што треба многу да се работи и не е завршено прашањето само со донесување на законот, туку има многу поголем потенцијал кој не е искористен, особено околу болестите.

„Тие ќе имаат некоја кратка обука, а дали тоа ќе биде доволно, ќе видиме кога тоа ќе треба да се спроведе во пракса, бидејќи сепак учеле за нешто што го сметале за дрога, а сега треба да го препишуваат како лек“.

Во рамки на семинарот, денеска и утре ќе се одржат повеќе предавања на кои ќе се обратат и активисти од држави каде медицинскиот канабис е веќе легализиран.