Професор Талевски: Планот за охридската марина ќе уништи цел екосистем

Еден од најупатените експерти за живиот свет во Охридското езеро, проф.др. Трајче Талевски од охридскиот Хидробиолошки завод, реагира на одлуката на градоначалникот Никола Бакрачески и Министерството за транспорт и врски – новата марина во градот да се гради кај Студенчишко блато, меѓу каналот Студенчица и некогашниот хотел „Парк“.

Ваквиот потег би претставувал катастрофална грешка, затоа што изградбата на марината би го уништила природното живеалиште на голем број растителни и животински видови, од кои дел се ендемски и живеат исклучиво во овој дел од Охридското езеро, вели Талевски, кој е раководител на одделението за ципринидна фауна во Хидробиолошкиот завод.

Професор Талевски: Охридската марина ќе уништи цел екосистем

Градоначалникот на Охрид Бакрачески вчера соопшти дека наместо на локациите кои досега се спомнуваа (Грашница или градското пристаниште), марината ќе се гради токму на Студенчишко блато, иако пред две години државата, преку Билатералниот секретаријат за заштита на Охридско Езеро започна проект за заштита на овој дел од езерото.

Писмото-реакција на професорот Талевски го пренесуваме во целост:

Секоја чест г. Градоначалник,
Заедно со онемениот менаџерски тим на Хидробиолошки завод од Охрид, кој што уста има глас нема, ќе успеете неповратно да уништите дел од Охридското Езеро, ќе го уништите Студенчишкото блато. Дури сега станува јасно зошто Ви требаше да ангажирате „експерт„ од странство. Баш би сакал да чујам и видам кој е тој експерт за блатни екосистеми кој што не успеал да види дека блатото е блатен екосистем со единствена флора и фауна, природно живеалиште на педесетина видови растенија од кои десетина се ретки и значајни за флората на Р.Македонија.

проф-др Трајче Талевски

проф-др Трајче Талевски

Кој е тој Ваш експерт кој не успеал да види дека блатото и вакво какво што е, успева барем во дел од него, да биди мрестилиште на крапот и другите краповидни видови риби. Кој е тој експерт кој не успеал да види дека со изградба на марина ќе се уништи живеалиште на четири влекачи, десетина водоземци, над седумдесет инсекти од кои четириесетина се тркачи (Coleoptera) а триесетина вилински коњчина, десетина планарии, над педесетина птици кои се од особен интерес за европската и светската орнитофауна, стотина дијатомеи од кои десетина се ендемични за Охридско Езеро, а две се до сега констатирани само во блатото. Тие по се изгледа не се воопшто битни.

Не сте воопшто во право дека во изминатиот период институциите кои биле задолжени за тоа ништо не превземале. Се бореле со резултати, студии, укажувања, но политиката и политичарите биле и се уште се тие кои ги носат одлуките. Така било и по се изгледа така е и сега. Ја стојам на ставот дека со добра инвестиција блатото ќе стане туристичка атракција многу поголема одколку марината за четири брода и дваесетина глисери. Не барајте инвеститори за изградба на марина, барајте инвеститори за ревитализација, зачувување и заштита на Студенчишкото блато.

Марина се гради секогаш и секаде, блато не можете нити Вие нити кој и да е да изгради. Тоа е „изградено„ пред милениуми, пред да го има и Охрид. А денеска со еден збор ќе се уништи цел еден екосистем за да се задоволат желбите на стотина сопственици на бродови, глисери и јахти. А ние каде сме ние останатите г.Градоначалник. Каде сме ние останатите 40000 охриѓани. Просторот со површина од околу 30 хектари кој што е „потполно неизграден и неуреден“ е блато, г. градоначалник.

Со почит
Проф.д-р Трајче Талевски
Раководител на Одделението за ципринидна фауна
Хидробиолошки завод, Охрид