Проектот „Сподели возило“ ќе ја разива јавната свест за намалување на загадувањето од автомобилите

Проектот „Сподели возило“ во иднина ќе се обиде да ја развие јавната свест кај скопјани  за заедничко патување низ градот заради намалување на загадувањето на средината и на трошоците. Него денес го презентираше градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.

„Сподели возило” е начин за транспорт од една до друга локација преку споделување на возилото со сосед, колега, луѓето од истата населба, односно организирано заедничко патување во иста насока и време. Со проектот ќе се утврдува јавното мислење за заедничко патување и врз основа на тоа ќе се осмисли софтвер кој ќе ги интегрира барањата за патување со понудата на јавно-приватниот превоз. Со сите интегрирани софтверски модули,  SocialCar ќе биде тестиран во 10 европски градови.

„Со овој проект сите може да дадеме придонес за заштита на животната средина, намалување на загадувањето и сообраќајниот метеж во нашиот град. Проектот SocialCar е промоција на интелигентен транспортен систем, врз основа на иновативен пристап во управувањето со побарувачката за превоз, а особено во однос на услугата сподели возило во урбаните и пери-урбаните средини“, рече Трајановски.

Според Василен Изјотов, координатор на проектот, целта е да се осмисли, развие, тестира и да се примени сервис кој на граѓаните од урбаните и приградските средини ќе им го поедностави патувањето.

„Прашањата што ќе им бидат поставени на граѓаните се: Дали го споделувате своето возило со пријателите или со колегите, дали би учествувале во организирана мрежа за споделување возило и што би ве мотивирало да делите возило со други патници? Потоа, треба да се подготви софтвер-апликација за граѓаните лесно, едноставно и во реално време да добиваат информација за оној што споделува возило и за понатамошното вклопување во системот на јавниот превоз“, рече Изјотов.

Проектот на едно место ги обединува компјутерските инженери, експертите од општествените и економските науки, сообраќајните инженери, луѓето кои заеднички патуваат и властите од Италија, Грција, Велика Британија, Луксембург, Полска, Швајцарија, Македонија, Хрватска, Словенија, Холандија, Унгарија, Шпанија и Белгија.

„Целта на мрежата е таа да биде природно интегрирана во постојните информации во реално време за јавниот превоз и системите за сподели возило, обезбедувајќи ефективен, висококвалитетен и збогатен мултимодален систем за планирање на патувањата. Проектот „Сподели возило“ ќе ја искористи предноста на социјалните медиуми за комуникација, споделување информации и размена на корисни податоци за превозот со помош на иновативни алгоритми со цел да им овозможи најдобри известувања на патниците во реално време. Убеден сум дека станува збор за еден успешен проект кој ќе има бенефит за сите нас“, рече  Трајановски.

Проектот е финансиран од Програмата за истражување и иновација на Европската Комисија – Хоризонт 2020, а презентацијата на „Сподели возило“ е дел од активностите на Град Скопје на четвртиот ден од Европската недела на мобилност 2016.