Проектот „СЕГА“ е македонски претставник на Венециското биенале за архитектура

Проектот „СЕГА“ на проектантското биро „Бина архитектура ДООЕЛ“ е избран за да ја претставува земјата на на 17-тата Интернационална изложба на архитектурата во Венеција. 

Автор на проектот е Бекир Адеми со групата коавтори: Ана Рафаиловска, Јордан ШишовскиАмине АдемиЕнис АбовскиЕнес СеверДрен НевзатиАтанас НаумовскиГаврил БошковскиЕлмедина ХасаниНита ЧавoлиАида Бакали СалихуИвана Чаловска.

„Избраниот проект „СЕГА“ е симболична претстава на еден отсечок од мноштвото и непосредна асоцијација на човековата идеја за дом и соживот. Сето ова концептуално открива два аспекти на просторно-временското суштествување, потребата од издвојување и заштита наспроти потребата за симбиотска релација со околината. Концептот се материјализира во дрвена композиција составена од дрвени елементи меѓусебно поврзани во една единствена хармонична просторна структура, архепитизирана рамка, асоцијација на куќа, дом и засолниште. Тимот кој ќе го подготви павилјонот е сочинет од архитекти, инженери, графички дизајнери и уметници со различна професионална специјализација и лица со различна етничка провениенција, кои ќе го претставуваат мултиетничкиот карактер на Република Северна Македонија“, соопштија од Министерството за култура.

Проектот го избра Комисијата во состав: Трајче Блажевски, Имер Бајрами, Џемил Бектович, Агрон Салиу и Александар Андовски. 

На Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес од областа на меѓународната дејност за учество на Република Северна Македонија пристигнале две пријави – победничката и проектот на Благоја Бајковски.

„При увидот во пријавите, Комисијата утврди дека проектот на Благоја Бајковски не ги исполнува условите пропишани во Конкурсот, односно дека на Конкурсот право на учество имаат правни лица, односно установи од областа на културата (национални, локални, приватни), здруженија, сојузи, асоцијации и други субјекти регистрирани за вршење на дејност од областа на културата/архитектурата. Токму затоапроектот на Бајковски не беше земен предвид во натамошниот процес на разгледување и одлучување“, информираат од Министерството за култура.

Комесар на проектот „СЕГА“ е Дита Старова-Ќерими, директор на Националната галерија на Република Северна Македонија, куратори се Бекир Адеми и Јордан Шишовски, а соработници на проектот се проф.д-р. Ферид Мухиќ и Рамуш Муарем.

Венециското биенале за архитектура годинава ќе се одржува од 23 мај до 29 ноември и носечна тема е „Како ќе живееме заедно“. Куратор на годинашното издание на Биеналето е Хашим Саркис, архитект и експерт на Универзитетот МИТ во САД.