Проектот „Сега“ е македонски претставник на Венециското биенале на архитектура

Проектот „Сега“ на БИНА [биро за инвентивна архитектура] е претставник на Северна Македонија на 17. Биенале на архитектура во Венеција кое ќе се одржува од 22 мај до 21 ноември.

Изложбата е на група архитекти предводени од Бекир Адеми, куратор на изложбата. Ко-куратор е Јордан Шишовски, комесар на проектот е Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија, додека покровител на изложбата е Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Конструкција, материјализација и дизајн: Бекир Адеми/ БИНА Логистика: Енис Абовски, Амине Адеми, Атанас Наумовски. Аудио инсталација: Владимир Лукаш. Текст: Ана Рафаиловска, Јордан Шишовски, Бекир Адеми. Графика: Ивана Чалоска, Енес Север. Учесници: Бекир Адеми, Ана Рафаиловска, Ивана Чалоска, Јордан Шишовски, Енис, Абовски, Енес Север, Амине Адеми, Атанас Наумовски, Гаврил Бошковски, Аида Салиху, Дрен Невзати, Елмедина Хасани, Нита Чаволи.

Проектот „СЕГА“ е симболична претстава на еден отсечок од мноштвото и непосредна асоцијација на човековата идеја за дом и соживот. Сето ова концептуално открива два аспекти на просторно-временското суштествување, потребата од издвојување и заштита наспроти потребата за симбиотска релација со околината.

„Инсталацијата на првото доживување е интровертна и питома, потоа прераснува во една широка купола, каде интеракцијата и пресекот помеѓу архепитизирана рамка-куќа со подвижна сфера суштински ја генерираат формата, создавајќи чувство на споделена хармонија и стабилност кај посетителите. Концептот се материјализира во дрвена композиција составена од дрвени елементи сите со различни димензии меѓусебно поврзани во една единствена хармонична просторна структура“, стои во соопштението.

Авторите велат дека наравоучението од овој процес било надминувањето на инженерските навики кои би резултирале со отварање на нови хоризонти во инжинерството и архитектонското замислено.

„Флуктуацијата на општествените чинители чија аспирација е заеднички живот, надминувајќи кохабитациски разлики без да ja дезинтегрираат индивидуалнaта сфера, е вистински предизвик сега. Процесот на самосвесност може да се развие во две насоки – кон човечките микрочинители или кон структурите од човекот направени” пишува во каталогот за проектот.

Куратор на 17-тата меѓународна изложба на архитектура, која носи наслов „Како ќе живееме заедно?“,  е архитектот со либанско потекло, Хашим Саркис. Тој е декан на Факултетот за архитектура и планирање на Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ) од 2015 година. Дипломирал архитектура и ликовни уметности на Факултетот за дизајн на Островот Рода и докторирал философија на Универзитетот Харвард. Тој е автор и уредник на повеќе книги и статии за историјата и теоријата на модерната архитектура.

Биеналето оваа година вклучува 112 учесници од 46 земји, со делегации од Африка, Латинска Америка и Азија и со широко женско претставување. Ова издание исто така вклучува низа учества надвор од конкуренцијата: истражувања со релативни студии на случаи развиени од истражувачи од универзитети ширум светот (Архитектонска асоцијација, Американски универзитет во Бејрут, Бартлет, Универзитет Колумбија, Купер Унија, ЕТХ Цирих, Етиописки институт за архитектура, Венецијанската лабораторија, конзорциум на истражувачки групи на МИТ); специјалното учество на израелскиот уметник Михал Ровнерво, Олафур Елиасон, Себастијан Бехман и Џузепе Пеноне.

Северна Македонија веќе 9-ти пат се претставува на Биеналето на архитектура во Венеција. На првото учество во 2004 година се претстави со проектот „Метаморфоза: од хипер тело до инверзна перспектива“, а потоа следуваа: „Град на можни светови“ (2006, кога стручното жири му додели Специјално признание на македонскиот павилјон); „Метамак отсечоци“ (2008); „Учење архитектура“ (2010) и „Архитектура во огледало: секојдневно и возвишено“ (2012). Во 2006 година куратори на проектот беа Минас Бакалчев и Митко Хаџи-Пуља.