Проект за „Скопје 2014“ ќе ја претставува Македонија на Венециско биенале

Со проектот „Ослободување на простор” (Freeingspace) , Македонија ќе се претстави на 16. Венециско Биенале (26 мај-25 ноември), најзначајниот светски настан од областа на архитектурата кое се одржува секоја втора година.

Носител на овој проект е Музејот на современа уметност-(МСУ), а комесар е  Зоран Петровски кустос-советник во музејот, додека куратори се Марија Мано Велевска и Слободан Велевски.

Авторите се: Филип Јовановски, Марина Торнатора, Луција Ла Џуса, Алесандро Де Лука, Горан Витевски, Мила Димитровска, Дејан Ивановски и Александра Шулевска.

Преку избор на неколку клучни сегменти од проектот „Скопје 2014“ и деконструкција на нивната појмовна матрица тие со проектот на концептуално ниво се репроектираат со прецизни архитектонски замисли – преточени во четири проекти на четири тима млади архитекти во коавторство со кураторите.

Содржината на проектот авторите ја поставиле на три посебни тези. Врз основа на нив тие избрале четири посебни просторни асамблажи кои се вткаени во колективната архитектонска меморија на главниот град. Тие се „МОБ” и кејот на Вардар, објектот на МЕПСО, Стоковната куќа на плоштадот и Поштата со телекомуникацискиот центар.

Како што истакнаа авторите, проектот има за цел, едно критичко гледање на  начинот на уредувањето на градот, а се осврнува не само на естетскиот момент туку малку повеќе на самата функционалност на просторoт кој е главен стожер на градот.

Поставката на македонскиот павиљон во Венеција оваа година се состои од пет фрагменти: покрај информативниот, ќе има и по еден специфично поставен и конструиран за секој од четирите разгледувани и преработени архитектонски простори.

Комесарот Петровски најави дека Ослободување на просторот ќе биде изложен во МСУ во почетокот на 2019 година.