„Проект: Правда“- најголемиот регионален проект на театарски академии прикажан во Загреб

Вчеравечер на Академијата за драмски уметности во Загреб со премиерната изведба на седум драмски текстови на тема правда беше претставен досега најголемиот регионален проект на театарските академии и факултети.

Во склоп на десетото издание на фестивалот  KRADU- Kazalisne revije ADU во салата F22- нова академска сцена, се собраа студенти од седум факултети за драмска уметности од земјите од регионот: Академија за театар, фим и телевизија од Љубљана, Факултет за драмски уметности- Белград, Академија на уметности – Нови Сад, Академија за сценски уметности- Сараево, Факултет за драмски уметности- Цетиње, Факултет за драмски уметности- Скопје и Академијата за драмски уметности од Загреб. Заедно го изведоа омнибусот од театарски претстави обединети под насловот „Проект: Правда“

Овој единствен проект започна во 2013 година по иницијатива на загребачката Академија за драмски уметности преку основање на Регионална мрежа на академии (Словенија- Хрватска- Србија- Босна и Херцеговина- Македонија- Црна Гора) со цел поврзување на студентите од театарските и филмските академии од слично говорно подрачје, што претставуваше вачен чекор во изградбата на културна соработка помеѓу земјите од поранешна Југославија.  Во текот на изминатите две години седум меѓународни уметнички тимови ги подготвуваа поединечните изведби на студентските драмски тексотви претходно избрани на натпревар, а овој април заедно се собраа во Загреб за да ги обединат изведбите во еден импресивен театарски омнибус.

Четириесетина студенти на актерска игра синоќа се претставија преку изведба на повеќе драмски текстови. студентите ја одиграа „Чечкалица“ од Кристина Бојаниќ во режија на Тамара Дамјановиќ, „Не го слушам печатот Јосипе“ од Борна Вујичиќ во режија на Марко Јовичиќ, „Попокатепетл“ на Сара Радојковиќ во режија на Мирко Радоњиќ, „Шах- мат, љубов моја “ од Мила Јовановиќ во режија на Сара Луца. Се играше и „Терапија“ на Мирза Скендрагиќ во режија на Драгана Стојчевска, „Тоа сум јас, Брехт“ од Балша Почек во режија на Дино Пешут и „Зезање“ по текст на Дино Пешут во режија на Ирфан Авдиќ. Секоја од нив, појаснуваат организаторите на настанот, се бави на свој начин со поимот правда и неговото значење.

Во целиот проект за оваа премиерна изведба беа вклучени осумдесетина учесници, како студенти и ментори од времеженинте академии, така и студенти од Загреб од Факултетот за архитектура, Студии по дизајн, Текстилно- технолошки факултет и Академијата за ликовни уметности.