Проект „Мапатон“ за мапирање на пристапи и препреки на лицата со посебни потреби

Со получасовната обука од вработените од урбаните заедници од Општина Карпош и од дефектолози, вчера во салата на училиштето „Лазо Трповски“ започна реализацијата на проектот „Мапатон“.

Станува збор за вклучување на лица со посебни потреби во имплементација на андроид апликација преку приватните мобилни уреди, кои тие ги користат и која ќе им овозможи интерактивност во мапирањето на пристапните места.

На иницијатива на УНДП, како што велат од Карпош, оваа активност ќе се спроведе во соработка со Општината, сé со цел да се мапираат сите пристапни места, но, пред сè, бариери со кои се соочуваат лицата со попреченост на местата каде што живеат.

„По настанов, вработените со смарт телефони ги фотографирааи детектираат сите непристапни објекти (јавни и комерцијални, тротоари и пешачки патеки), кои се пречка за извршување на обврските, или кои им го попречуваат движењето на лицата со хендикеп“, рече раководителката на Секторот за дејности од јавен интерес Гордана Стојчевска- Зафировска.

Фото: Општина Карпош