Проекција на видеа од концерти на Симфонискиот оркестар на ФМУ во 2004 и 2005 година

По повод 50 годишнината на Факултетот за музичка уметност во Скопје, одделот и насоката за сонологија со мултимедија започнува со емитување видеа снимени од студентите и професорите на овој оддел. Првата проекција ќе се одржи во понеделник, 7 март, во Концертната сала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, со почеток во 13:30 часот.

Првите две видeа ќе ги престават концертите на Симфонискиот оркестар на ФМУ под диригентската палка на професорот Саша Николовски во 2004 и 2005 година. На програмата на овие концерти се делата: Водич низ оркестарот за младите – Варијации и фуга на тема од Персл од Бенџамин Бритн, Слики од изложбата од Мусоргски-Равел, Концерт за пијано и оркестар од Морис Равел и Симфонија во де-мол од Цезар Франк.  Како солист на пијано настапува Кристина Светиева, тогаш студент, а денес доцент на ФМУ.

Во следните проекции кои во текот на оваа година ќе се одржуваат еднаш месечно ќе бидe прикажан дел од богатата продукција на аудио и видео снимки од концертите на студентите, професорите и ансамблите на ФМУ, настапи на други ансамбли, портрети на важни музички личности и друг документарен материјал, најавуваат од Факултетот.

Со овие проекции ќе биде одбележена и 15 годишнината од започнувањето на наставата на одделот и насоката за сонологија со мултимедија при ФМУ кои ја водат професор Димитрије Бужаровски и доцент Трена Јорданоска.