Проекција на три нови анимирани филмови од ОХО

Невладината организација ОХО вечерва, со почеток од 20 часот ќе промовира три кратки анимирани филмови изработени од македонски артисти во „Концепт 37“.

Како што информираат организаторите, цртаните се правени со поддршка на Холандска амбасада во Република Македонија, а се наменети за најмладата популација, но го привлекуваат вниманието и на возрасните.

„Анимацијата во Македонија е гранка на која и треба развој. Ова е добра насока во која што би можела да се движи. Различна естетика, стил и порака, но сепак начин да се инволвираат македонски артисти за македонски производи“, велат од тимот на ОХО.

Станува збор за „Човекот кој го украде сонцето“, сценарио и режија на Елеонора Венинова, илустрација и анимација, Симон Стојановски. „Прасето кое сакаше да биде птица“, сценарио и режија на Елеонора Венинова, илустрација Тхе Мичо и анимација Симон Стојановски и „Едно поинакво пријателство“, сценарио на Бистра Георгиева, режија Елеонора Венинова, илустрација Тхе Мичо и анимација на Симон Стојановски и Диме Ѓорѓиевски.

Освен изработката на анимираните филмови, продукцијата ОХО веќе неколку години се занимава со продуцирање на анимирани содржини, како дел од детската емисија „5+“.