Филозофското друштво на Македонија и Филозофскиот Филмски Фестивал организираат Специјална проекција на апсолутниот победник на ФФФ 2017 – филмoт „Сè за луѓето“ (All About People) на грузискиот режисер Гиорги Абашишвили (Giorgi Abashisvili), во понеделник (5 јуни), во Кинотека на Македонија, од 20 часот.
Филмот кој претставува грузиско-германска копродукција е добитник на двете награди „Златен був“ за Најдобар игран филм на ФФФ 2017 според жирито (проф. д-р Иван Џепароски, проф. д-р Александар Прокопиев и проф. Владимир Блажевски) и според публиката.
Филмот е во омнибус форма, сочинет од девет приказни од Грузија и Германија кои раскажуваат за убавината и трагичноста на човекувањето. Едно момченце го очекува изненадување на патот до училиштето. Млад молер ја открива магичната моќ на поезијата. Загубениот човек на железничката станица е во залудна потрага по времето, додека еден старец го губи својот внук во големиот град, а друг човек талка по гробиштата. Една двојка е заслепена од сончевиот сјај, а еден старец се збогува со сонцето и со светот на луѓето. Полни со надеж, девственост, нежност и возвишеност овие приказни базирани на делата на грузискиот писател Нодар Думбадзе (Nodar Dumbadze) зборуваат за човечката состојба во сите нејзини бои.
Гости на настанот во Скопје ќе бидат режисерот на филмот Гиорги Абашишвили (Giorgi Abashishvili) и сценаристката Миријам Штен (Miriam Steen). Настанот е поддржан од програмата Цивика Мобилитас, Германската амбaсада во Скопје и Best Western Хотел Турист.
По проекцијата на филмот ќе бидат доделени наградите „Златен був“ на режисерот, а ќе следува и дискусија со г. Абашишвили предводена од селекторот на Официјалната селекција на долгометражни филмови, проф. Кирил Трјачев од Филмската академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.