Проекција на оскаровскиот филм „Фантастична жена“ по повод Меѓународниот ден на човековите права

Според редовниот годишен извештај на „Transgender Europe“ од мониторингот на убиства на транс-луѓе објавен во 2018-та, помеѓу 1 октомври 2017 година и 30 септември 2018 година, пријавени се 369 убиства на транс и родово-различни луѓе на глобално ниво. Од пријавените убиства низ целиот свет, мигрантите и сексуалните работници го сочинуваат мнозинството од жртвите.

Вкупно 2982 транс и родово-различни луѓе биле пријавени за убиени во 72 земји помеѓу јануари 2008 и септември 2018 година. Мигрантите сочинуваат голем број од пријавените убиства во Европа. Од 139 пријавени убиства во Европа, една третина од жртвите биле мигранти. Од пријавените убиства на транс и родово-различни луѓе чии професии биле познати, на ниво на целиот свет, 62% биле сексуални работници.

Трансродовите лица се луѓе чиј родов идентитет или родова експресија се разликува од родот што се претпоставувал за нив кога биле родени, базирано на биолошкиот пол (анатомијата на репродуктивниот систем на една индивидуа и секундарните полови карактеристики).

Годинава, Здружението за културен и медиумски активизам „Квир Сквер“ од Скопје ќе го одбележи Меѓународниот ден на човековите права со проекција на чилеанскиот филм „Фантастична жена“ вечерва во кино Милениум во 20 часот. Билетите се бесплатни.

За филмот:

„Фантастична жена“ е овогодишниот добитник на Оскар за најдобар филм од странско говорно подрачје.

Некаде во Сантјаго во слабо осветлен ноќен клуб, им се сретнуваат погледите на Орландо, љубезен и богат сопственик на текстилна компанија и Марина, надежна пејачка и речиси двојно помлада љубов на неговиот живот. Но, за жал, по прославата на роденденот на Марина и страстната ноќ помината заедно, на Орландо сериозно му се влошува здравствената состојба – и до утрото – тој умира во болница. Соочена со прераната смрт на нејзиниот партнер, Марина наскоро ќе сфати дека, од сега па натаму, сѐ се доведува во прашање: нејзината инволвираност во смртта на Орландо, нивната неконвенционална врска; и пред сè, нејзиното право да го оплакува својот починат сакан.