Проекција на „Mad dance“ и дискусија во СЦ „Дуња“

„Коприва Колектив“ во СЦ „Дуња“ на 1 февруари (сабота) со почеток од 18 часот организира проекција на „Mad dance“ („Луд танц)“.

Се работи за документаристички проект на американскиот режисер Кен Пол Розентал, кој оригинално го преобмислува начинот на кој ги доживуваме концептите на ментална болест и ментално здравје во денешниот хаотичен општествен пејсаж.

„Овие трансформативни филмови нудат нови мапи за навигирање низ ‘лудилото’ со помош на самоисцелување и надеж. Трилогијата има освоено 19 награди и досега била прикажана на 75 филмски фестивали, покрај нејзината презентација и на многубројни универзитети, симпозиуми за ментално здравје и јавни настани низ светот“, се вели во најавата за настанот.

„Правам независни филмови со цел да одржам интимна врска со живиот свет, да помогнам во олеснување на човечкото страдање преку култивирање на убавина, и да придонесам во градњето на заедницата преку директен ангажман и свесен дијалог. Сржта на мојата уметничка пракса е синергијата на личниот израз и формалното експериментирање, со емоционална комплексност и социјална одговорност. Се стремам кон креирање дела кои се подеднакво критични колку и контемплативни – сензуална интелигенција која го допира умот преку срцето“, стои во најавата.

Проекцијата на „Mad dance“ ќе биде проследена со кратка снимка од интервју со режисерот и  квалитетна дискусија за овие теми кои, велат организаторите, добиваат сѐ покритично значење за нашиот индивидуален и колективен живот.