Проекција на Lessons of Darkness на Херцог и дебата за човечката деструктивност во Кино Култура

Контра Кадар СК во понеделник организира проекција на филмот Lessons of Darkness, на режисерот Вернер Херцог во Кино Култура, по што најавена е и дискусија за темите кои ги обработува.

Филмот ја прикажува катастрофата на кувајтските нафтени полиња по крајот на првата заливска војна, посочуваат организаторите. Ова е филм кој нема класично сценарио, ниту пак е класичен документарен филм. Филм со минимална нарација, нешто помеѓу документарен филм и фикција, деконтекстуализиран поглед на една катастрофа, всушност претставува прекрасен визуелен приказ на еден универзален хорор во светот и создава импресија на апокалипса, или како што Херцог го нарекува овој спој на слики со музиката – “реквием на населивата планета”.

“После првата заливска војна, кога беа запалени нафтените полиња во Кувајт, медиумите – тука мислам на телевизиите – не беа во можност да го прикажат она што, освен тоа што е воен злочин – беше и настан од космички димензии, злочин кон самата креација. Нема ниту еден кадар во филмот во кој ќе ја препознаете нашата планета; поради тоа овој филм е ставен во категорија на научна фантастика, како да е снимен во некоја далечна галаксија, непријателски настроена кон животот”, изјавил Вернер Херцог за овој филм.

Од Контра Кадар додаваат дека Lessons of Darkness отвара многу прашања. За војната, за деструктивноста, за уништувањето на природата, а она што е заедничко за сите овие, е прашањето како човекот ја преобликува планетата на која што живее, прашање кое е актуелно особено во овие времиња на уништување и загадување од огромни размери.

Проекцијата почнува во 20 часот, а влезот е бесплатен.