Проекција на „Кафканистан“ во „Котур“

Во кафе-филм „Котур“ на 30 октомври (среда) од 20 часот ќе има проекција на филмот „Кафканистан“, по сценарио и режија на Даниел Карсенти.

Филм е по избор на Гете Институтот, а ја прикажува приказната за млада курдска жена, која по превирањата во „Арапската пролет“ пребегнува од Сирија во Германија.

„Кога пристигнува во Берлин почнува да гради нов живот во нелегални услови. Но, откако сириската тајна служба ќе ја лоцира, нејзините агенти ја присилуваат да работи како нивен кодош и да ги шпионира припадниците на сириската опозиција во Европа“, стои во најавата за филмот.

Организаторите на проекцијата потенцираат дека „Кафканистан“ е многу актуелен мрачен трилер.

„Филмот многу впечатливо покажува дека бегството од граѓанската војна не завршува со пристигнувањето во Германија и го поставува прашањето колку еден човек може да издржи притисок пред да ги издаде сопствените идеали“, се вели во најавата.

Возрасна категорија за филмот е 14 години. Влезот за проекцијата е бесплатен.