Проекција на филмови и дискусија со студенти со Милчо Манчевски

Филозофскиот факултет на 16 април (вторник) организира проекција на филм и дискусија со студенти со режисерот Милчо Манчевски.

Настанот „Филозофијата и филмското дело на Милчо Манчевски“ ќе се оддржи од 16 до 19 часот во Големиот амфитеатар на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“.

На агендата се филмовите „Крајот на времето“ и „Бикини мун“.

Инаку, Манчевски од октомври 2018 до јануари 2019 го снимаше „Врба“, неговиот шести долгометражен игран филм , кој е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија. Снимањето се одвиваше низ различни локации на живописниот прилепски регион и на препознатливи локации низ Скопје. Манчевски е автор и на сценариото.

Поминаа десет години откако нашиот најуспешен филмски режисер го сними неговиот последен македонски филм, наградуваниот „Мајки“. Во меѓувреме, Манчевски работеше во Њујорк на „Бикини Мун“.

Манчевски е добитник на над 40 меѓународни награди и признанија, меѓу кои и почесен докторат од универзитетот ВГИК во Москва, Златен лав во Венеција, номинација за Оскар, Индепендент спирит, Давид ди Донатело, ФИПРЕСЦИ, УНЕСКО, Сребрен кондор, ЕМ-ТИ-ВИ и други. „Њујорк тајмс“ го вброи „Пред дождот“ меѓу најдобрите илјада филмови на сите времиња.