Проекција на филмот „Лицата на Лафора“ во чест на Денот на ретките болести

Како дел од активностите за одбележување на Денот на ретките болести, во Охрид ќе се одржи проекција на филмот „Лицата на Лафора“.

Настанот ќе се одржи во петок, 22-ри февруари, со почеток во 18:00 часот во Јавната научна установа Институт за филм – Филмска Академија Охрид.

На проекцијата ќе присуствува и режисерот на филмот Денис Бојиќ, со кој присутните ќе имат можност за разговор и дискусија.

Одбележувањето на дванаесеттото издание на Денот на Ретките Болести ќе се случи на 28 февруари 2019 година.

„Бидете и вие дел од интернет кампањата – обоете го вашето лице со боите на Ретките Болести и покажете ја вашата поддршка за заедницата на Ретки Болести! Покажи ја твојата реткост. Помогни во подигање на свеста за Ретките Болести. Биди дел од кампањата #ShowYourRare во текот на месец февруари“, стои во најавата за настанот.

Секој може да се приклучи така што ќе сподели своја фотографија на која било социјална мрежа со своето обоено лице и во објавата ќе ги вклучи ознаките #ShowYourRare, #MyRare или #RareDiseaseDay.

Денес, 300 милиони луѓе живеат со ретка болест, а постојат над 6,000 различни дијагнози.