Проекција на филмот „Хај-фај“ во чест на Данчо Чевревски

На 7 ноември, сабота, со почеток од 18 часот, во Кинотеката на Северна Македонија е закажана проекција на филмот „Хај-фај“ (1987) на Владимир Блажевски, во чест на неодамна починатиот актер и продуцент Данчо Чевревски, кој во филмот оствари една од неговите позначајни улоги, информираат од Кинотека.

„Хај-фај“ е еден од петте дигитално реставрирани македонски играни филмови објавени во ДВД издание, а секој посетител, како што објаснуваат Кинотеката, ќе добие подарок ДВД издание со дигитално реставрираните играни и документарни филмови на Столе Попов.

Театарскиот и филмски актер и продуцент Чевревски почина во Скопје на 69 години. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје на отсекот за драмски актери, а специјализирал на УКЛА во Лос Анџелес.

Глумеше во повеќе југословенски и македонски филмови. Добитник е на повеќе награди во текот на неговата плодна кариера, а минатата година на 14. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, му беше доделена наградата „Астер“ за исклучителни достигнувања на филмот.

Почина актерот Данчо Чевревски