Премиерата во Скопје на проекцијата на експерименталниот видео театарски проект „KRIEG/A-C-I-N-S-E-L-A-K“ (2024) во продукција на центарот „ИТИ“ ќе се случи на 2 јули, среда, со почеток во 20:30 часот во Културно-информативниот центар (КИЦ).
Како што појаснуваат од „ИТИ“, „KRIEG“ е машка верзија на видео театарскиот проект – војник во агонија и актер е Здравко Стојмиров. „A-C-I-N-S-E-L-A-K“ пак е женската верзија и ја игра актерка Филарета Атанасова.
„Експериментален видео-театарски диптих, поделен на ‘KRIEG’ – машка верзија и ‘A-C-I-N-S-E-L-A-K’ – женска верзија; структуриран во неколку дејствени целини: војник-машина, војник – човек, војна (krieg), ескапизам-калесница, смрт, епитафи и пост-елегиска состојба на телото и душата. Два лика (двајца војници во агонија) во огледални дејства, низ апстрактна нарација за класични воени конфликти исполнети со јунаштво, илузија, агон, страв, бес, лутина, повреда, болка, страдање, разурнување, шок од гранатирање, занемарување на виталноста, умртвена копнеж и романса, запечатен живот и смрт“, забележува продукцијата.
Инспирацијата е од архајско-феминистичка поетска книга „Калесница“ од Светлана Христова (1970); гробни епитафи на Британски воени гробишта Скопје; воени гробишта од Првата светска војна (Големата војна) – ирски, германски, британски, српски, грчки и бугарски – лоцирани во Битола, Скопје, Прилеп, Скочивир, Цапари, Добровени, Валандово. Проектот е снимен на Германски воени гробишта од Големата војна, во Битола.
Тимот кој се потпишува зад видеата го сочинуваат Иванка Апостолова Баскар – адаптирано сценарио, продукција, режија, визуелно сценарио; Михаило Апостолов – камера, монтажа и звук; Луна Шаламон – експериментални цртежи (комбинирана техника и лекови во течна состојба) и Весна А. Бришкоска – фотографии.
По проекцијата следи дискусија со Здравко Стојмиров, Филарета Атанасова и Иванка Апостолова Баскар, модерирана од куратор Владимир Јанчевски.
Досега, проектот се има прикажано на повеќе фестивали ширум светот и има добиено повеќе награди и признанија.
Влезниците е потребно да се резервираат на мејлот project.eteria.2023.2024@gmail.com. Тие чинат 300 денари и може да се подигнат пред самата проекција. Влезот за ученици во основно и средно училиште, како и за пензионери е бесплатен, со претходна резервација.
Покровители на проектот се Е.Т.Е.Р.И.А./Креативна Европа и Министерство за култура на Македонија (малцински удел); Град Скопје – КИЦ Скопје (дел од програмата за Драмска дејност).