Проекција на документарниот филм Доминион и дискусија за експлоатацијата на животните

Вечерва со почеток во 19 часот, во Социјален центар Дуња (ул. Рајко Жинзифов 22, Скопје)  е најавена проекција на активистичкиот филм Доминион.

Доминион се користи со дронови и скриени рачни камери за да ја разоткрие мрачната тајна на современото масовно земјоделство на животни, една од најголемите индустрии со исклучително моќна пропагандна машинерија, поставувајќи го прашањето околу етиката и моралот на владеењето на човекот над животинското царство.

Иако главно се фокусира на животните што се користат за храна, документарецот исто така истражува и други начини на кои животните се експлоатираат и злоупотребуваат од страна на луѓето преку облеката, забавата и козметичките и фармацевтските истражувања.

Сите практики прикажни во документарецот се стандардни низ целиот свет, вклучувајќи ја и Македонија, посочуваат организаторите на настанот.

Филмот е на англиски јазик, а по проекцијата е најавена дебата. Местата се ограничени и ќе се распределат по принципот „прв дојден, прв услужен“.