Проекција на документарецот „Женски приказни“ и предавање на Јелена Цветановска

Предавањето „Страмо‘ жената ја крепит“ на антропологот Јелена Цветановска ќе се одржи во Музејот на Македонија на 8 март (вторник – 11:11 часот), како составен дел од тековната изложба во овој музеј, именувана „Црвен Петел – Црна Кокошка: култови на плодноста, обреди и обичаи“.

Во текот на овој настан ќе се дискутира околу четири теми кои произлегуваат од теренските истражувања на Цветановска поврзани со женската чест, брачниот живот, жените – бегалки и женската обредност како извор на моќ. Како резултат на овие истражувања е снимен и документарниот филм „Женски приказни“, коавторство меѓу Јелена и Владо Цветановски, што ќе биде прикажан во воведниот дел од предавањето.

„Меѓународниот ден на жената секогаш бил двонасочно разбран. Едни го третираат како празник кој овозможува уште еден изговор за славење и дарување, додека други го сметаат за настан преку кого треба да се актуелизираат проблемите поврзани со женските права и нивниот статус во современото општество. Од тие причини, Музејот на Македонија организира предавање и проекција на документарен филм во коишто ќе се презентираат повеќе антрополошки видувања на жените во неколку македонски села“, се вели во најавата за настанот.