Проекција на документарецот „Туста“ во „Котур“

Во кафе и филм „Котур“ утре (четврток, 20 февруари) од 20 часот ќе има бесплатна проекција на „Туста“ (Tusta), документарен филм за  фронтменот на ексјугословенската панк-рок сцена Бранко Чрнац-Туста, и неговиот бенд „КУД Идиоти“. По проекцијата следи музичка селекција на Љупа Ангелов.

Документарецот „Туса“ е по сценарио и режија на  Андреј Коровљев.

За Туста се вели дека е човек што ја надминал музиката и станал симбол на слободното мислење и здравиот разум.

„Заради неговиот бескромпромисен антифашистички став и борбата за правата на угнетените и обесправените, Туста и покрај предубедувањата за рокерите и панкерите, е вистински херој на работничката класа. Неговите пораки за меѓуетничка толеранција, соживот и социјална правда во 1990-те години беа сметани како „комунистички“ ставови, и заради нив песните на ‘КУД Идиоти’ немале пристап во поголемиот дел од радиостаниците во Хрватска. И покрај ваквата ригидна цензура, Туста и ‘КУД Идиоти’ не отстапија од вредностите за кои се залагаа и беа првиот хрватски бенд што одржал концерт во Србија по војните во екс-Југославија“, се вели во најавата за „Туста“.

Според најавата, низ филмот за Туста ја откриваме неговата интимна, човечка димензија заради која е сметан како панк-рок икона.

Низ архивските материјали и разговорите со гитаристот на бендот Саша Миловановиќ-Веруда, басистот Ненад Марјановиќ-Фриц, тапанарот Диего Босуска-Птица, како и со современиците Борис Фурлан (издавачот на првите албуми на КУД Идиоти), музичките критичари Петар Јанатовиќ и Драган Кремер, музичарите Зоран Предин, Дамир Урбан и Сејо Сексон…

Филмот го прикажува неочкуваниот пробој и метеорски успех на бендот.

„Неговите пријатели се убедени дека тој и сега е истиот борец што со високо дигнати раце ја пее химничната ‘Бандера роса’“, стои во најавата за „Туста“.