Проекција на документарецот „Мојот превртен свет“ и промоција на саундтракот во МКЦ

Во музичката продавница „Ап(о)тека“ при Младинскиот културен центар во Скопје на 11 јуни (вторник) ќе се одржи промоција на саундтракот од музичкиот документарен филм „Мојот превртен свет“ (My World is Upside Down)

Настанот ќе почне со проекција на „Мојот превртен свет“ во 19:30 часот во киното „Фросина“ при МКЦ, по што ќе следи промоцијата на винилното ЛП-издание со саундтракот на филмот на платото пред МКЦ во 20:45 часот.

„Мојот превртен свет“ (My World is Upside Down) е во режија на Петра Селишкар и во продукција на Petra Pan Film-Словенија, ППФП-Македонија и Restart-Хрватска. Во филмот се испреплетуваат музичките изведби на актуелните водечки алтернативни музичари во светот, кои ги реконструираат песните на „словенечкиот Чарли Чаплин“, универзалниот уметник Фране Милчински-Јежек, со неговата неверојатна архивска граѓа.

„Во филмот водечките алтернативни музичари во светот денес ги свират песните на Јежек и се испреплетуваат со архивската граѓа од 1960-те до 1980-те години, со што се создава една волшебна атмосфера на еден безвремен наративен простор“, се вели во соопштението на иницијаторите на настанот – МКЦ, „Македокс“ и креаторите на филмот.

Иницијаторите потенцираат дека сатиричните песни на Јежек, кои датираат од истиот период како и архивските снимки, денес звучат поавтентично, поактуелно и поуниверзално од кога било, а ги изведуваат музичари како Kimmo Pohjonen (фински авангарден хармоникаш), легендарната хрватска пејачка Josipa Lisac, македонскиот пост-панк б(р)енд „Бернајс Пропаганда“, британскиот рок-маг John Parish, неодоливата Teresa Salqueiro од Madredeus, современата jazz икона Тони Китановски со неговиот Черкези караван, па сѐ до Hugo Race (бившиот член на групата The Bad Seeds на Nick Cave) и неодамна починатите Robert Fisher и Tomaž Pengov, легендарниот словенечки кантавтор.

Саундтракот го продуцираше и миксаше инди-рок иконата Chris Eckman, дизајнот е дело на исклучителниот млад уметник Самир Карахасан, а мастерингот на звучниот носач го направи Петар Дундов.

„Цената на билетот за филмот е 100 денари, а за тие што ќе го купат винилното ЛП-издание пред проекцијата влезот е слободен. Редовна цена на винилниот ЛП-носач ќе биде 1.500 денари, а на денот на промоцијата ќе се продава по промотивна цена од 1.300 денари со гратис проекција. ЛП-то е 180 грамско (180 гр.)“, се вели во најавата за настанот.