Проекција на „Црни бели дробови“ и дискусија за загадувањето и токсичната депонија во ОХИС

Плоштад Слобода со Кадар продукција вечерва од 18 часот го проектира нивниот нов документарен филм кој што зборува за најгорливата точка со загадувањето во Скопје – токсичната депонија во ОХИС.

По завршувањето, ќе се одржи дискусија со авторите на филмот, како и со Сузана Андонова од канцеларијата на ПОПС при Министерството за животна средина и Филип Сотировски (астма пациент).

„‘Заедно со ‘Ние сме Карпош 4’ дискутираме за последиците врз луѓето, како и можностите за самоорганизација за справување со проблемот. Настанот е отворен за сите добронамерници и засегнати“, стои во повикот за настанот.

Настанот ќе се одржи во лаунџ бар „Ревија“ (ТЦ „Лептокарија“).

Инаку, Радио МОФ веќе пишуваше за депонијата во фабриката ОХИС, каде на отворено несоодветно е складиран 30.000 тони екстремно опасен отпад со линдан. Со овој токсичен отпад загадени се подземните води, истовремено ветерот ја разнесува прашината во воздухот. Линданот се сврзува и со честичките ПМ10, а се разнесува и насекаде по почвите. Вака е со години.

„Овие супстанции се група на органски хемиски соединенија, кои се екстремно токсични и многу тешко се разградуваат во природата. Опстојуваат со децении кога се испуштени во животната средина. Преминуваат во подземните води, индиректно во храната преку почвата, а може да бидат и присутни во воздухот и да ги вдишуваме. Имаат многу штетно влијание врз здравјето на луѓето, но и врз животните и живиот свет воопшто“, реагираше реномираниот професор Трајче Стафилов.

Б.Ш.