Проекции на филмот „Ќерки на прашината“ во Скопје, Битола и Струмица

По повод Месецот на црнечката историја во САД, Амбасадата на САД во Скопје и Филмската програма на Фестивалот за феминистичка култура и акција „ПРВО ПА ЖЕНСКО“  организираат проекции на филмот „Ќерки на прашината” на Џули Даш.

Проекциите ќе се случуваат паралелно во сабота (27 февруари) во 19 часот во Кино Фросина во скопско МКЦ, Центар за култура Битола – мала сала и во Музеј – Струмица.

Кураторка е Кумјана Новакова.

Организаторите соопштуваат дека визуелно фасцинантното импресионистичко дело на Џули Даш се случува на почетокот на минатиот век. Едно семејство од заедницата Гулах, потомци на поробени Африканци кои живеат на морските острови во Јужна Каролина и Џорџија – минува низ генерациски поделби.

„Исклучително филмичната и длабински обмислена, лирска приказна на Џули Даш за семејната миграција не личи на ниту една друга, што авторката ја потврдува каконеверојатно оригинална уметничка. Ова исторски значајно и наградувано дело, продолжува да инспирира – албумот Лимунада (Lemonade) на Бијонсе (Beyoncé) е омаж на ‘Ќерки на прашината’“, стои во најавата за проекциите.

„Ќерки на прашината“ станува дел од Националниот филмски регистар на САД во 2004 година. Реставрираната дигитална верзија на филмот ја открива прекрасната визуелна палета: во 2016 година филмот е дигитално реставриран во 4K и повторно објавен на блуреј од новиот дистрибутер Коен филм (Cohen Film). Р

„Реставрацијата е направена во тесна соработка со Џули Даш и директорот за фотографија на филмот, светски познатиот визуелен уметник и режисер Артур Јафа (Arthur Jafa), кому ‘Ќерки на прашината’ му е прв проект што го снимил како директор на фотографија“, се вели во најавата.

Џули Даш е американска режисерка и авторка, членка на групата Одметниците од Ел-Еј (L.A. Rebellion). Родена е и порасната во Њујорк. Нејзиниот прв филм Илузии (1982) привлече големо внимание и имаше успех. Нејзините „Ќерки на прашината” (1991) пак се првиот долгометражен филм на Афроамериканка што имал широка кино дистрибуција во САД. Таа е продуцентка, сценаристка и режисерка на филмот. Џули Даш е единствената Афроамериканка чиј игран филм е дел од Националниот филмски регистар на САД.

Настанот се организира согласно државните протоколи за организирање настани во услови на актуелната пандемија со Ковид-19.

Согласно истите, за проекцијата во Кино Фросина во Скопје треба да се подигне бесплатен билет онлајн или на билетарата на МКЦ.