Проекции на документарниот филм „Животиште“ на Академска сцена

Документарниот филм за животот и делото на починатиот режисер Владо Цветановски, „Животиште“, ќе се прикажува на Академска сцена.

Режисерот Владо Цветановски беше и професор на Факултетот за драмски уметности, каде филмот ќе се прикажува два дена, четврток (29.10) и петок (30.10).

„Кога пораснав и кога ги гледав снимките од старите претстави на Битолски театар ја разбрав големината на тие претстави, но никогаш нема да го надмине она исконско чувство како овие слики што блескаат во мојата меморија. Претставите кои беа создавани во битолскиот театар, а беа сврзани со мојата фамилијарна историја, не само што остануваат врежани, туку и на она основно ниво го одредија мојот пат во оваа професија и ја одредија мојата одлука и за мене театарот да стане мојот животен пат“, вели Андреј Цветановски, режисер на документарeцот и син на покојниот професор.

Цветановски вели дека се осмелил да направи документарец кој зборува за претставите на Владо Цветановски во Битолскиот театар, но и за него како човек, режисер, пријател, театарџија и заљубеник во сé што е убаво.