Новинарите се запрепастени од продолжувањето на притворот на новинарот Томислав Кежаровски за нови 30 дена. На заедничка прес конференција, најзначајните медиумски организации порачаа дека одлуката за продолжување на притворот на осомничен новинар за објавен текст претставува заплашување на сите новинари и е груба демонстрација на сила, ароганција но и психичка тортура.
„Потсетуваме дека Томислав Кежаровски не е обвинет, туку е осомничен за напишан текст. Новинарите не се над законот, но одредување притвор за осомничен новинар заради напишан текст во кој го брани јавниот интерес, по сите реакции и укажувања од домашните медиумски организации но и од меѓународните, навистина не може поинаку да се протолкува освен како груба демонстрација на сила и ароганција“, рече Тамара Чаусидис, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, вели дека мерката притвор за новинарот Кежаровски е неиздржана, бидејќи нема никаква опасност за бегство, нема индиција дека некогаш се обидел да ја напушти земјата, нема активни врски со странство или пак имот кој би му овозможил да избега.
„За нас не е издржано објаснувањето дека обвинетиот ќе влијае на сведоците, кога се знае дека најголем дел од сведоците веќе се испрашани“, додаде Селмани.
Билјана Петковска, директор на Македонскиот институт за медиуми порача дека овој случај ќе има исклучително негативно влијание врз севкупната состојба со медиумите и новинарството и слободата на изразување во Македонија, зашто овој пример не само што ги обесхрабрува новинарите истражувачи, туку тој и ги плаши.
„Иницијативниот одбор не прејудицира никаква правна разврска околу овој случај, напротив ги охрабруваме институциите да си ја спроведуваат постапката согласно Уставот и законот. Меѓутоа, сметаме дека во последниот случај навистина не постојат основи нашиот колега да биде задржан во притвор. Поради тоа, бараме судот да го разгледа и да го уважи барањето кое го поднесе правниот застапник на колегата Кежаровски, за ослободување од притвор и да му се даде можност да се брани од слобода“, додаде Петковска.
Зоран Димитровски, главен и одговорен уредник на Нова Македонија рече дека од контактите со Кежаровски и неговото семејство, дознале дека тој е во многу тешка психичка состојба и не може да се соочи со фактот дека поради напишан текст, невин лежи во притвор.
„Страотно е сознанието дека денес во Македонија може да бидете во притвор две години. Според македонските закони, заедно со поднесување на обвинение и почнување на судска постапка, можат да ве држат во притвор 24 месеци и од тие причини сметаме дека ако продолжи ваквиот вид насилие во овој случај врз новинарот Кежаровски, тоа не само што говори за еден вид психичка тортура, туку во прашање е и животот и здравјето на Кежаровски и егзистенцијата на неговото семејство“, рече Димитровски.
Долгогодишната новинарка и уредничка на Фокус, Јадранка Костова, вели дека за жал притворот кој е мерка за безбедност, во Македонија стана правило да се применува како казна.
„Во сиве овие години не се сеќавам дека постоел некој случај на притворен осомничен како што е Кежаровски, што предизвикал толку многу реакции од меѓународните новинарски асоцијации и меѓународните асоцијации за човекови права и слободи. За жал тоа очигледно ништо не им значи на судските власти, притворот е продолжен уште 30 дена, а за жал лесно може да се прогнозира дека веројатно ќе тераат и натаму, 30 по 30. Лесно е да се претпостави и дека ваквото однесување, ќе биде причина да забележи пад на сите тие ранг листи слобода на медиуми и човекови права. Но, во овој случај не можеме да кажеме дека е виновна некоја апстрактна личност, туку со продолжувањето на притворот, се знае кој ќе биде заслужен за нашиот пад“, рече Костова.
Иницијативниот одбор најави средба и со Народниот правобранител, каде ќе биде побарано да се провери здравствената состојба на новинарот Кежаровски во притворот.
Новинарот Кежаровски беше уапсен во полициската акција „Ликвидација“, како осомничен дека објавил текст во 2008 година во „Репортер 92“, кога ја извршувал функцијата главен и одговорен уредник и наводно го објавил идентитетот на заштитниот сведок во случајот „Ореше“. Нова Македонија објави дека во 2008, кога биле објавени текстовите на Кежаровски, сведокот се уште го немал статусот на заштитен сведок, туку таквиот статус тој го стекнал во 2010 година.
Кристина Озимец