Продолжуваат протестите за оставка на Владата секој ден во 6 часот

Самоорганизираното, автентично изразување на револтот кое кулминираше на 5 мај, продолжува секој ден во 18:00 часот и веќе вродува со плод, информираат од движењето „Протестирам“.

Продолжуваат протестите за оставка на Владата секој ден во 6

Граѓаните кои се дел од ова движење, денеска на прес конференција пред Собранието соопштија дека вчерашните оставки на министрите Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески и шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков може да претставуваат козметичка, а не суштинска промена во Владата.

„Вчера ги чувме вестите за оставките, домината почнаа да паѓаат и тоа ние го сметаме како причина повеќе да повикаме на што е можно помасовно, погласно сите заедно во солидарност да излеземе пред Владата и да ги повториме нашите барања. Бараме не само оставка на поединци, туку оставка на целата Влада на чело со Груевски и не само оставка туку поднесување на одговорност, правна одговорност за целиот криминал, корупција и за неуставното владеење“, изјави Анастас Вангели од движењето „Протестирам“.

Продолжуваат протестите за оставка на Владата секој ден во 6

Демонстрантите исто така бараат итно ослободување на сите активисти кои беа уапсени во настаните на 5 мај и деновите потоа.

„Нашето трето барање е да не се користи моментот сега за некои нови избори, туку бараме коренита структурна промена, формирање на Влада која ќе има за цел демократизација на институциите, прочистување на избирачкиот список и подготвување на теренот за фер и демократски избори во иднина“, додава Вангели.

Зборно место за денешниот протест е повторно пред Владата во 18:00 часот, по што од ова движење најавија дека ќе се упатат пред Основен суд- Скопје, за потоа протестот да заврши пред Собрание.