Продолжуваат нападите врз ЛГБТИ луѓето

Продолжуваат нападите врз ЛГБТИ луѓетоНасилство, физички и вербални напади, малтретирање, говор на омраза… Нападите врз припадниците на ЛГБТИ популацијата продолжуваат, но и покрај тоа, постои отсуство на волја кај Министерството за внатрешни работи да ги приведе и изнесе пред лицето на правдата насилниците кои се актери на инцидентите од омраза – ова се дел од заклучоците во кварталниот извештај за состојбата со човековите права на ЛГБТИ луѓето на ЛГБТИ Центарот за поддршка и Хелсиншкиот комитет за човекови права кој се однесува на април, мај и јуни.

Според извештајот, во изминатиот период е забележана зголемена видливост на ЛГБТИ активистите и пренесување на ставот на ЛГБТИ луѓето наспроти континуираната хомофобична агенда на одредени медиуми, претставници на државни институции и верските заедници.

Сепак, според организациите, видливоста довела и до зголемено насилство врз ЛГБТИ луѓето и активистите за човековите права на ЛГБТИ заедницата. Од нападите врз активистите од ЛГБТ Јунајтед и Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници, кои се случија во Битола, каменувањето на домот на актерот Петар Стојковиќ, по неговото јавно излагање како геј, па се до нападот и демолирањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка при отварањето на првата Недела на гордоста.

„Досега немаме слушнато ништо ниту од Јавниот обвинител, иако би требало самиот веќе да има започнато истрага за ова насилство мотивирано од омраза. Ниту Комисијата за заштита од дсикриминација реагираше на насилството кое го трпи ЛГБТИ заедницата и непостапувањето на државните институции. Ваквата високо хомофобична и трансфобична атмосфера, непостапувањето на институциуте на системот, а и неказнувањето на насилниците, ги охрабрува нив и други хомофобични и трансфобични луѓе да напаѓаат повторно. ЛГБТИ луѓето во моментов се ставени под ризик од секојдневно насилство, а непостапувањето на институциите на системот ги обесхрабрува ЛГБТИ луѓето да побараат заштита. Слободно можеме да заклучиме дека во моментов ЛГБТИ заедницата е една од најранливите во нашето општество“, се вели во извештајот.

Освен споменатите напади, организациите го следат случајот во Струмица, каде координаторката на групата за родители, семејства и пријатели на ЛГБТИ луѓе од ЛГБТИ Центарот за поддршка, физички била нападната од сопругот на друга мајка на геј син. За време на разговорите координаторката била удрена по главата по што паднала во бессознание, и била фрлена покрај патот, надвор од градот. Случајот е пријавен во полиција каде се направени фотографии а Комитетот и ЛГБТИ го следат процесот на истрага.

Центарот го следи и случајот со младата девојка од Куманово која заради својата сексуална ориентација, после претрпеното физичко и психичко малтретирање била отстранета од својот дом без никаква финансиска и морална поддршка.

Македонија годинава доби оценка од 13% за почитувањето на правата на лезбејките, геј луѓето, бисексуалците и трансродовите лица, во последниот извештај на европската организација – ИЛГА, наречен „Мапа на виножитото во Европа“, со што се најде на дното во Европа според политиката на човекови права кон ЛГБТ луѓето.