Продолжува важноста на личните карти, пасошите и возачките дозволи чиј рок е истечен

Владата донесе одлукa важноста на патните исправи и за личните карти, чиј рок на важење е истечен да се продолжи за време на траење на вонредната состојба.

„Владата донесе одлука важноста на возачките дозволи чиј рок на важење е истечен да се продолжи за време на траење на вонредната состојба, а сите процесни дејствија за спроведување на обуките за оспособување на кандидат за возач во авто школите и за спроведување на возачкиот испит на кандидатот за возач во испитните центри, како и роковите на важење на документите што согласно закон се утврдени за спроведување на обуките, односно испитите, да се прекинат, односно да се суспендираат за време на траење на вонредната состојба“, соопшти Владата.

Во поглед на дозволи, Владата упати за професионалните возачи на товарните возила кои влегуваат и излегуваат од Република Северна Македонија, а кои не поседуваат дозволи издадени од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, да бидат пропуштени на граничните премини при влез и излез, но истите се должни да ја обезбедат и приложат дозволата не подоцна од 24 март 2020 година.

„Се задолжува Министерството за транспорт и врски да достави документ во ексел верзија кој го располага за вкупно издадените сертификати на професионалните возачи за учество во меѓународен патен сообраќај до Министерството за внатрешни работи. Лицата наведени во овој документ задолжително поседуваат важечки сертификат за учество во меѓународен патен сообраќај издаден од Министерството за транспорт и врски, со цел истите да не подлежат на полициски проверки за постапување по изјавата за самоизолација“, се вели во соопштението од Влада.