Продолжува препораката на Влада за откажување на поголеми јавни собири до 13 март, поради коронавирусот

Владата го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство да се продолжи препораката за ограничување на јавните настани со гости од странство, за неодржување на поголеми јавни собири и настани, како и препораката спортските натпревари да се одржуваат без публика до 13 март.

Ова е одлука од денешната 14-та седница на Владата, на кој е прифатена и информацијата дека заради проширувањето на вирусот во повеќе земји од Европа и региони во светот, Институтот за јавно здравје редовно ја ажурира листата со ризични земји и ја доставува до сите членови на Комисијата, како и до сите надлежни гранични служби и до граничната полиција.

„На оваа седница Владата ја прифати и ја утврди и како своја, и препораката на Комисијата за заразни болести, царинските служби и туристичките агенции редовно да доставуваат ажурирани списоци со податоци за патниците кои влегуваат во земјата организирано, како и листи со податоци за патниците кои се превезуваат со редовните линии.

Согласно ситуацијата во Европа, ситуацијата во Италија, како и во другите подрачја со поголем број регистрирани случаи со корона вирусот, останува препораката на Владата за сите патници од овие региони, да го пријавуваат влегувањето во земјата и да ги известат здравствените и безбедносните власти на граничните премини доколку се сомневаат дека имаат симптоми кои можат да бидат последица на контакт со корона вирусот“, соопштуваат од Влада.

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска информираше дека во текот на изминатото деноноќие нема нови тестирани лица за корона вирусот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

„Стабилна е состојбата на пациентката, која е прв и единствен случај со корона вирус во земјава и како што вчера информиравме, нејзиниот контролен тест е негативен, но за тоа да се потврди треба да поминат 24-48 часа. Согласно препораките и проценката на клиничката состојба и параметрите, тоа ќе се изврши денеска или во текот на утрешниот ден, по што ќе ја информираме јавноста. Тоа значи дека доколку контролниот тест е негативен, таа повеќе не е инфективна, односно повеќе не може да ја пренесе болеста“, изјави министерот Филипче.

Тој потсети дека двајцата странци кои вчера беа тестирани, а неколку дена престојувале во хотел во Скопје, се негативни за корона вирусот. Странците по направените тестови се прегледани на Клиниката за инфективни болести и со соодветна терапија за нивната здравствена состојба и се пуштени од клиниката.

Исто така, министерот посочи дека од вчера попладне со помош на мобилните оператори сите странци што доаѓаат во земјата добиваат текстуална СМС порака во која стои дека доколку почувствуваат некакви симптоми слични на грип за време на престојот, треба да се јават на телефонот на Институтот за јавно здравје.

Покрај ова, соопшти дека се очекува да пристигне група од 20-тина туристи, коишто преку Бугарија на граничниот премин Деве Баир ќе пристигнат во земјата. Станува збор за туристи од Сингапур и Јапонија, кои доаѓаат од Романија каде веќе има регистриран случај на коронавирусот.

„Известен е локалниот Центар за јавно здравје што ќе го пречека автобусот. Патниците ќе бидат детално интервјуирани, по потреба и прегледани“, соопшти Филипче.

Од Министерството за здравство повторно упатија апел до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита и превенција, одржување лична хигиена, темелно миење и дезинфекција на рацете.

На европско ниво, регистрирани се над 5.000 случаи заразени со коронавирус. Од околните земји, во Грција веќе се регистрирани 45 заразени со вирусот, додека во Србија денеска е регистриран првиот случај. Во Албанија, Косово и Црна Гора се уште нема случаи.