Продолжува чистката во Турција – 12.800 суспендирани полицајци и уште три месеци вонредна состојба

Турција суспендираше 12.800 полицајци поради наводна поврзаност со муслиманскиот проповедник Фетула Ѓулен.

Последните суспензии се дополнување на повеќе од 100 илјади службеници кои беа избркани или суспендирани од нивните позиции по неуспешниот пуч во јули.

Ѓулен, кој се наоѓа во САД, ги одби обвинувањата од турските власти дека негови поддржувачи го организирале пучот, додека Владата на неколку пати ги негираше тврдењата дека го користи воениот удар како изговор за да се ослободи од противниците, инсистирајќи дека оние за кои нема да се докаже поврзаност со пучот ќе бидат ослободени.

Повеќе од 2.500 службеници од суспендираните биле полициски началници, соопшти турската полиција.

Овие информации доаѓаат неколку часа откако Владата објави дека вонредната состојба која е на сила во државата по неуспешниот пуч, ќе биде продолжена уште три месеци откако ќе истече на 19-ти октомври.

Оваа состојба овозможува на Претседателот и неговиот кабинет ефективно да владеат преку декрети, заобиколувајќи го Парламентот во изработката на нови закони и овозможува ограничување и суспензија на права и слободи.

Во разврската на пучот илјадници граѓани на Турција беа уапсени, притворени или суспендирани. Од наставници и војници, преку политичари и судии до пилоти и новинари. Затворени беа повеќе од 130 медиуми.