Продолжува бојкотот на тетовските гимназијалци – институциите никако да најдат решение

И половина месец по почетокот на учебната година, тетовските гимназијалци од македонска настава се уште немаат одржано ниту еден час. Родителите на гимназијалците одбија тие повторно да се вратат во просториите на Работничкиот универзитет, каде учениците до сега следеа настава во лоши услови.

Не беше постигнат договор на кој начин ќе продолжи наставата ниту по вечерашнава средба со тетовската градоначалничка Теута Арифи, Министерот за образование, Пиштар Љутвиу и заменик министерот за транспорт и врски, Фатон Положани. Единствено било ветено дека процесот ќе се забрза, а законските пречки кои ја спречувале надградбата на централниот објект на гимназијата ќе се надминат. Наставата не можела да се одвива во три смени, бидејќи било незаконски, но други алтернативи каде би следеле настава гимназијалците не се разгледувале.

„Се договоривме министрите да ја информираат Владата и да чекаме заклучок со нивно задолжување до локалните власти за можни решенија. Нашите служби на Општината се спремни брзо да пристапат кон планирање за процес на проширување на просториите за да има квалитетна настава. Тоа што денеска не се договоривме е наставата да продолжи привремено каде што и до сега се одвиваше. Сметам дека е битно учениците да продолжат со настава“, изјави по средбата градоначалничката Арифи.

Таа додаде дека решението останува проширување на централниот објект на Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“.

Од советот на родители ги информирале претставниците на институциите дека бојкотот на наставата ќе продолжи.

Околу 250 тетовски гимназијалци од македонска настава се револтирани дека повеќе години се привремено сместени во објекти без елементарни услови за одвивање настава. Во меѓувреме властите ветуваа, но никогаш не беше реализирана, доградба на централниот објект на Гимназијата како трајно решение за овој проблем.