Продолжува акцијата за бесплатно летување за деца од социјално загрозени семејства, се бараат донатори

И годинава продолжува акцијата за бесплатно сместување на децата со попреченост, децата од социјално загрозени семејства и деца на самохрани родители во туристичките места низ Македонија. Акцијата ги прошири своите цели и доби име – Хумано детско другарување.

„Нашата цел како група од поединци со хумано срце, би сакале да организираме најразлични друштвени активности за социјално загрозени деца,за деца со посебни потреби и деца на самохрани родители. Нашиот проект со организирање на бесплатни сместувања во туристичките места низ Р.Македонија ќе продолжи и воедно би сакале да вклучиме и посета на Аква паркови, базени, посета на Зоолошката градина, музеи, театри, кина, продавници за играчки и облека, како и играње или прославување на родендени во игротеки и слични креативни места за деца“, се вели во описот на акцијата.

На Фејсбук веќе постои група во која родителите на овие деца може да се информираат за слободни места.

„За да ја оствариме оваа наша идеја потребна ни е голема поддршка и воедно АПЕЛИРАМЕ И ГИ ПОВИКУВАМЕ сите оние кои што се во можност да донираат влезници и да ни ги отворат вратите од своите хотели,апартмани и викенд куќи.Би сакале и Јавниот превоз во Скопје да ни се приклучи во нашата акција како и останатите приватни превозници од сите градови“, стои во повикот на иницијативата.