Продолжува акцијата „Едно капаче, една надеж“, ја презеде министерство

Со донација на три инвалидски колички за Здружението „Без ограничувања“, компанијата Пакомак, Министерството за животна средина и простпорно планирање (МЖСПП) и фирмата за рециклирање „СНС Ре пласт“, најавија продолжување на спроведувањето на кампањата „Едно капаче, една надеж“.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, ја истакна и подготвеноста на Владата за поддршка на компаниите кои го менаџираат отпадот.

„Сите оние кои имаат собрано капачиња и чекаат да бидат преземени како и ново собраните капачиња, треба да ја пријават локацијата и количината на Фејсбук страната која веќе е активна, а тоа е „едно капаче – една надеж+“ или на тел. број 02/3225-237“, информираше Макрадули и најави дека акцијата ќе ја продолжи и наредната година.

Бранка Димитровска од Здружението „Без ограничување“ истакна дека количките ќе бидат доделени на три нивни активистки од Кратово, Кочани и од Скопје. Филип Ивановски од компанијата Пакомак која ќе биде задолжена за собирање и дистрибуција на капачињата појасни со акцијата се прават две добра, помош на лицата со посебни потреби и заштита на животната средина.

Како што веќе пишуваше Радио МОФ, акцијата „Едно капаче – една надеж“ ја започна и неколку години ја спроведуваше Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА). Сепак, последната година откако акцијата доживеа огромен успех, без никакво образложение беше стопирано преземањето на капачињата, па дел од оние што ги собирраа почнаа да ги фрлаат во контејнер. Подоцна студентите објавија дека компанијата со која соработувале се откажала од проектот, а собраните капачиња им останале по домовите на членовите на организацијата и во деканатот на факултетот. Иако најавија дека работат на решавање на проблемот, откако мина половина година без решение, проектот го преземаа институциите.