Продавница во Шведска нема касиери, се плаќа со смартфон и секогаш е отворена

Една хаотична потрага по бебешка храна доцна во ноќта, со мало дете кое вреска на задното седиште, му дала идеја на Роберт Илијасон да ја отвори првата продавница без продавачи во Шведска.

Седејќи сам дома со својот гладен син, Илијасон ја искршил последната тегла со храна за бебиња кога му паднала на земја, и морал да вози 20 минути од малото гратче Викен на североистокот на Шведска да најде отворен супермаркет.

Сега, 39-годишниот програмер е сопственик на продавница која работи 24/7, а во неа нема касиери.

Муштериите ги користат своите мобилни за да ја отклучат вратата, а пред да излезат ги скенираат производите кои ги зеле од продавницата. Сѐ што треба да направат е да се регистрираат за услугата и да преземат апликација. За сѐ што купиле им се наплаќа на крајот од месецот.

Во продавницата има основни продукти како млеко, леб, шеќер, храна во лименки, пелени и други продукти кои би можеле да ги најдете во мала продавничка. Нема цигари и лекови, поради ризикот од кражба. Алкохол не се продава никаде во продавниците во Шведска.

„Мојата амбиција е да ја проширам оваа идеја во другите села и мали градови“, вели Илијасон. „Неверојатно е што ова не му текнало никому претходно“.

Се надева дека заштедата што нема вработени ќе помогне да се отворат повеќе мали продавнички во селата. Во последните децении, таквите продавници биле заменети со поголеми супермаркети, кои често се наоѓаат на неколку километри оддалеченост.

Илијасон само добива достава во продавницата и ги реди залихите на полиците. Сѐ друго прават самите муштерии.

Има инсталирано шест надзорни камери за да спречи кражби во малата продавничка од 45 метри квадратни. Освен тоа, ако вратата остане отворена повеќе од осум секунди или ако некој се обиде да ја обие, веднаш добива текстуална порака на мобилниот телефон.

„Живеам близу и секогаш можам да истрчам до продавницата со хебла“, вели Илијасон низ смеа, но додава и дека тоа не било потребно откако продавницата е отворена, односно од јануари.

Поголем предизвик е постарите луѓе во Викен, град со 4200 жители, да се навикнат на технологијата потребна за купување во неговата продавница.

Туве Нилсон (75), вели дека имало многу повеќе продавници во градот кога се доселил таму со семејството во 1976 година. Смета дека продавницата на Илијасон е добредојдена, и дека им е многу потребна на старите луѓе кои живеат сами.

„Но, дали можат да се снајдат со оваа технологија, тоа не знам“, вели Нилсон. „Понекогаш ни јас не ја разбирам“.

Илијасон размислува за други начини на кои може да се отклучува вратата, а за кои не би била потребна апликација. Од можностите ги исклучил препознавањето на лица и скенери за отпечатоци од прст, но размислува да инсталира читач за кредитни картички, каков што користат некои банки. Размислува и да вработи некој да ја управува продавницата неколку часа дневно, за да им помогне на купувачите кои не се снаоѓаат со модерната технологија.

Другите муштерии ја обожуваат брзината со која се купува во оваа продавница. Рејмонд Адвидсон, пријател на Илијасон, завршил со купување за помалку од една минута.

„Нема редови“, вели смеејќи се. „Доаѓаш брзо, си одиш брзо. Ми се допаѓа“.

Извор: Mashable