Повеќе од два часа се разговарало за проблемот со загадувањето на воздухот на синоќешната седница на Советот за безбедност која се одржа во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Како што соопштија од претседателскиот Кабинет, присутните ја поздравиле иницијативата за подигнување на темата на така високо ниво и се согласиле дека темата не треба да се политизира и да се користи во дневно-политички препукувања.
Пендаровски, по седницата, го оцени дијалогот како конструктивен, а проблемите во делот на заштитата на животната средина напомена дека треба да се решаваат подобро и системски.
„Главната идеја која беше при свикувањето ја реализиравме, тоа е кревање на јавната свест, затоа што никогаш до сега во историјата на нашата земја на толку високо и репрезентативно политичко ниво не е разговарано за овој проблем кој станува се поакутен, не само кај нас, не само во нашиот регион, туку насекаде во светот. Советот за безбедност е советодавно тело на Претседателот, не е тело кое одлучува, кое решава. Ние не собравме тука за да донесеме одлуки за решавање на овие проблеми, или за забрзување на позитивните трендови во оваа област. Неспорно е дека е потребно и на ова ниво да дадеме еден импулс плус во јавноста, да ова прашање се третира не ад-хок, туку системски, односно посистемски од досега. Јас мислам дека тоа беше и главната поента која сите учесници во денешната дебата ја поддржаа, често се разговара за ова – на највисоко политичко ниво и луѓето кои се во невладиниот сектор да бараат отчет од луѓето кои се платени да работат во таа област“, рече претседателот Пендаровски.
Претседателот Пендаровски потсети дека и во неговото годишно обраќање се заложил за зголемување на државниот буџет за заштита на човековата околина, кое, како што нагласи, би морало во наредните години да биде што е можно побрзо и што е можно поблиску до просекот на земјите членки на Европската Унија.
Според Претседателот и поглавјето 27, што се однесува на заштита на човековата околина, се смета за едно од најтешките и едно од најскапите во преговорите, и во тој дел ние мораме добро да се подготвиме.
„Еве сега на седницата чувме од дел од учесниците дека поглавјето 27 според проценка на преговарачите од Црна Гора, која е прилично одмината во тие преговори, тие сметаат дека во една декада би ги чинело милијарда ипол евра. Ако одиме по тие параметри, значи уште сега би можеле да кажеме една цифра, како една груба проценка, дека нас поглавјето 27 би не чинело над 5 милијарди евра. Значи станува збор за исклучително важен сегмент од животот на луѓето“, рече претседателот Пендаровски, по завршувањето на втората седница на Советот за безбедност.