Проблемите на младите преку урбана уметност низ Скопје

Група од триесет млади луѓе од Македонија преку графити, стенсили, стикери и стрипови ќе испишат пораки низ Скопје со цел да ги истакнат проблемите на младите луѓе во земјата.

Изминатиот период во рамки на проектот „Уметност и дизајн за застапување” се изработени 12 кампањи со уметнички и дизајнерски алатки за застапување на теми важни за младите луѓе во Македонија. Сите кампањи ќе бидат исцртани на ѕидови на фреквентни локации низ главниот град.

Првите четири кампањи, како што соопшти носителот на проектот Фондацијата за дебата и едукација ИДЕА Југоисточна Европа, ќе се цртаат денеска на ѕидот на бараката на урбаната заедница „Мирче Мацан”, во непосредна близина на Веро Центар. Во среда учесниците ќе работат на ѕидот на бараката на урбаната заедница спроти Градски Парк, а во петок на ѕид на спортската сала во основното училиште „Песталоци”.

Проектот се спроведува со грант на Амбасадата на САД во Македонија, а општина Центар е партнер во проектот и ги обезбедува јавните локации за исцртување на кампањите.