Проблеми со храната во студентскиот дом „Стив Наумов“

Студентите во домот „Стив Наумов“ веќе петти ден живеат со недоволно храна, откако е затворена студентската менза, објави А1 он.

Фото: А1 он

Станарите се жалат дека во бифето, кое е единственото место каде можат да јадат, нема храна за сите и постојано е гужва особено околу 17 часот, кога сите се враќаат од факултет.

На вратата на мензата стои соопштение дека поради санирање на дефект, услугите можат да се користат единствено во бифето. Вработена во студентското бифе во изјава за порталот вели дека мензата е затворена од санитарна инспекција откако биле утврдени проблеми при работата во кујната.

„Немаме проблем со послужување на студентите и храна има доволно за сите. Мензата се очекува да се врати во функција овие денови“, вели таа за А1он.

Ниту празниот стомак на студентите не може да ги натера да зборуваат пред камера за нивните проблеми. Сепак, тие ги повикуваат надлежните што побрзо да се оспособи мензата за јадење, бидејќи многумина студенти остануваат со празен стомак, а храната не е разновидна.

Идните академските граѓани посочуваат дека постојат и голем број неправилности при плаќањето на храната, бидејќи продавачките ја наплаќаат поскапо отколку што е реалната цена.

„Ниту бонската продавница не е снабдена како што треба. Донесуваат само неколку вида производи и тоа во ограничени количини, со што нема за сите студенти“, изјави една студентка.

Продавачката која работи во бонската продавница не сакаше да даде информации колку редовно студентскиот дом се снабдува со храна, а полиците стоеја буквално празни. Претседателот на Советот на станари на „Стив Наумов“ беше недостапен за коментар да одговори кога мензата се очекува повторно да функционира, пишува порталот.