Признание за Игор Стевковски – Стевац на 16. Меѓународен салон на стрип „Велес 2018“

Игор Стевковски – Стевац, авторот на популарниот стрип на неделникот Фокус, го доби Годишното признание „Љупчо Филипов“, за развој и афримација на македонскиот стрип, на вчерашното отворање на 16-от Меѓународен салон на стрип што го организира Стрип центарот на Македонија – Велес кое се одржа во Ликовниот салон во Велес.

„Треба да истакнам дека многу е важен стрип салонот во Велес бидејќи преку него се афирмира стрипот како ликовна уметност. Среќен сум што гледам тука многу млади и талентирани автори-добри цртачи со кои оваа уметност ќе продолжи да се развива понатаму. Мислам дека Македонија има доста и сценаристи и илустратори меѓутоа се уште недоволно е афирмиран стрипот и треба финансиски да се поддржува оваа уметност кај нас која е многу позната во соседните земји и во светот“, вели Стевковски за МИА.

На меѓународниот стрип конкурс, првото место и наградата „Златен стрип“ ја доби стрипот „Влезот во харем“ на двоецот Алекса Гајиќ и Марко Стојановиќ од Србија, втората награда ја доби Владимир Кузманов, Македонец кој работи во САД и Владимир Попов од Србија, додека третото место му припадна на Фернандо Соса од Аргентина.

 

Најдобар стрип автор до 14 години е Јана Бутеска од Скопје за нејзиниот стрип „Мојот сон“, додека во категоријата до 18 година наградата ја доби Мина Гајтановиќ од Србија за стрипот „Збогум“.

На конкурсот со свои стрип дела се пријавиле 184 учесници од 24 земји во светот.